Премиерот Андреј Пленковиќ денеска објави дека на владина седница е одлучено Марко Пуришиќ, попознат како Бејби Лазања кој земјата ја претставуваше на овогодишната Евровизија, да добие парична награда од 50.000 евра. Но, тој нема да ја прифати.
Имено, за неговиот успех на Евровизија и промоција на Хрватска, властите сакале да го наградат финансиски и на овој начин да му се заблагодарат него и на неговиот тим.
-Им благодарам на хрватската Влада за паричната награда во износ од 50.000 евра. Сепак, не можам да ги прифатам тие пари. Би можел да дадам многу причини зошто, но првата, најважна и доволна е дека има многу други поединци и организации на кои овие пари ќе им помогнат многу повеќе“, напиша тој на Инстаграм.
-Го молам господинот Пленковиќ да донира 25.000 евра во мое име и хрватската Влада на Институтот за детска онкологија и хематологија со дневната болница „Младен Ќепулиќ“. Останатите 25.000 евра би сакал да ги донирам на Институтот за детска хематологија, онкологија и трансплантација на матични клетки, КБЦ Загреб. Ви благодарам.”