Живот и Стил МПЦ

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Светиот апостол Аристовул

Според Календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Брат на Св. апостол Варнава. Родно место му е островот Кипар. Следбеник на Св. апостол Павле, којшто во Посланието до Римјаните и го спомнува (16, 10). Кога великиот Павле поставуваше многубројни епископи за разни краеви на светот, тогаш го постави и Аристовул за епископ британски (англиски). Во она време народите во Британија беа диви, неверни и сурови, а Аристовул од нив претрпе неискажливи маки, беди и пакости. Безмилосно го биеја, го влечеа по улиците, му се подбиваа и го исмеваа. На крајот со силата на Божествената благодат овој свет маж постигна успех. Ги просвети овие народи, ги крсти во името на Господ Христос, изгради таму цркви, посвети свештеници и ѓакони и најпосле мирно се упокои во Господ и појде во Неговото Царство.

Тропар
Исполнет со благодат Христова, епископе свети Аристовуле, светило сјајно постана во земјата Британска. Смирено и трпеливо работејќи на нивата Господова, мноштво страдања и неволји помина исповедајќи Го секогаш Христа, затоа сега ти кој ликуваш со ангелите, погледни на нас грешните, и моли Го Бога за наше спасение.

Светиот маченик Савин

Мисирец од градот Хермопол и хермополски старешина. За време на едно гонење на христијаните се оддалечи во една планина заедно со многумина христијани и се затвори во една колиба во која времето го минуваше во пост и молитва. Но просјакот којшто му носеше храна, а на кого Савин му имаше направено многу добрини, за два златника го поткажа. Беа фатени Савин и уште шестмина. Војниците ги врзаа и ги потераа на суд. После големи маки го фрлија во реката Нил и таму Му го предаде својот дух на Бога во 287 година.

Тропар
Водите се вратија при својот извор, носејќи ги душите ваши при Изворот на Животот, о Савине и дружината твоја света, маките верата ја наградија, и надежта во Бога ја оправдаа, така што љубовта од вашите молитви и денес се простира над нашите глави.

Светите свештеномаченици Трофин и Тал

Браќа по тело, од Сирија. Јавно и слободно Го проповедаа Христа и го изобличуваа елинското и римското безумство. Разјарените незнабожци решија да ги убијат со камења, но кога ги фрлаа камењата по нив, тие им се враќаа на напаѓачите, а браќата останаа неповредени. По ова обајцата ги распнаа на крст. Висејќи на крстовите браќата ги поучуваа и ги храбреа христијаните што стоеја наоколу нажалени. После маките Му го предадоа својот дух на Господ, Кому верно Му служеа. Пострадаа чесно во 300 година во градот Вофор.

Тропар
Црквата своја Спасителот на камен ја соѕида аголен, отфрлен од ѕидарите, о свети маченици Трофим и Тал. Камењата со кои бевте напаѓани за храм благодатен послужија, и венец несвенлив донесоа за вашите души од благодатта Божја осветени. Молете се, сега, за нас од скинијата Неракотворена, која милоста Господова ја измолува.

To top