Домашните ежиња се популарни егзотични миленичиња… Сепак, постојат неколку важни правила и совети за оние љубители на животни кои решиле да чуваат еже.
Белиот африкански еж е меѓу најчестите видови избрани како милениче. Тие се ноќни животни, па дење – најмногу спијат. Спаѓа во сештојади – се храни со растенија, овошје и инсекти. Во споредба со кучињата и мачките, на пр., просечниот животен век на овие ежиња е 4 – 7 години. Во природата, ова еже живее само, или пак, останува со родителот.
Кога станува збор за нивната удобност дома – сопствениците треба да им обезбедат голем кафез или кутија во облик на аквариум со мазни под и ѕидови. Подот на кафезот треба да биде мек – може да биде од иверка, т.е. дрвени плочи од иглолисни или листопадни дрвја.
Треба да се внимава и на самата природа на егзотичното еже. Пред сѐ, нему му треба поширок простор како живеалиште, а ако го нема кога ќе ја достигне својата сексуална зрелост, животното може да стане агресивно кон луѓето. За да се чувствува поудобно, на ежето му треба и место за криење, на пр. помала кутија – од поливинил-хлорид (ПВЦ) или дрвена, или некакво тенџере или платнена торбичка, а има и готови мали куќички за глодари.
Најсоодветната температура за чување на овој вид милениче е меѓу 23 и 32 Целзиусови степени. Иако избегнуваат дневна светлина, важно е барем еднаш во денот ежето да се изнесе вон кафезот на мека светлина – по можност меѓу 10 и 14 часот.
Овие животни се хранат со 30 до 50 отсто протеини и 10 до 20 отсто масти. На пазарот е достапна и специјално произведена храна за ежови. Сепак, важно е ежето да не го јаде она што е наменето за порови, пишува бугарскиот портал „24 часа“.
Свежата вода треба да биде достапна за ова животно во секое време од денот. Повеќето ежови можат да научат да пијат од шише, но најчесто им треба чинија за вода.
Јаткастите плодови, семки и крупната тврда храна, како што е сировиот морков – може да му се заглават во устата на ежето, и тоа треба да се избегнува. Од овошје, се препорачува банана, грозје, јаболко, круша, бобинки. Во однос на зеленчукот, пак, се препорачува сѐ – но, сварено пред хранењето.
Ежето јаде и црви, штурци и скакулци. Пожелно е сопственикот „да ги скрие“ претходно убиените инсекти во постелата на ежето, за да се поттикне и негува природниот нагон за потрага по храна кај малиот грабливец. (МИА)