Кога пред неколку години биле на гости кај пријатели во Словенија, брачниот пар Паневски од Скопје, си рекле: Ако некогаш треба да ја напуштиме Македонија и ако треба да живееме далеку од пошироката фамилија, тоа би било тука, во Словенија.
И не поминало многу време, во семејството Паневски почнале да се пакуваат куферите. Најпрвин сопругот Антонио, а малку подоцна и Катерина и нивната 2,5-годишна ќерка. Водени од желбата за подобра иднина на нивното дете и подобар живот за сите нив, животната одлука била донесена. Дестинација – Љубљана.
„Сопругот, кој по професија е готвач, дојде овде пред една година, а јас и нашата ќерка пред три месеци. На овој чекор се одлучивме најмногу заради иднината на нашето дете и за подобар живот. Словенија има подобар образовен систем, здравствен исто така, подобра инфраструктура, услови за живот… Словенија е средена држава, системот функционира за сите исто, без разлика од каде доаѓаш“, го пренесува своето словенечко искуство Катерина Паневска, медицинска сестра по професија.
ПРОЦЕДУРИ ИМА, НО ПРАВИЛАТА СЕ ЗА ДА СЕ ПОЧИТУВААТ
Иако има процедури и правила кои мора да се почитуваат за да заминеш да работиш и да живееш во Словенија, вели Катерина, таму „се чувствуваш почитуван како личност. Таму си поздравен со насмевка“.
„Јас имам 36 години, сопругот 33 и веќе 10 години сме заедно. Завршив средно медицинско училиште, а потоа и тригодишни стручни студии на Медицински факултет. Сопругот е професионален готвач. За нас, бидејќи не сме ЕУ државјани, постои процедура која мора да се помине. Без да обезбедиш работа не можеш да добиеш работна виза за престој. Има процедури, само треба трпение. Откако најдовме работа, и двајцата чекавме по три месеци да добиеме документи за престој (виза). Нашите струки се овде дефицитарни и затоа лесно ги добивме“, вели Катерина.
ЕВРОПСКИ БАЛКАНЦИ
Меѓу првите впечатоци од Словенија и од Словенците, велат Паневски, е дека тие се европски балканци. Можеби на прв поглед студени, но со многу добри страни. Системот на словенечката држава, пак, од сообраќајна култура до највисоките институции, велат – одличен.
„Словенците се европски балканци. На прв поглед ладни, но има и добра страна кај нив. Исто како кај нас, некои имаат добар однос, некои пак едноставно не ги интересираш и си одат по својот пат. Условите за живот се една од причините за доаѓањето – Да ги немаше – немаше ни да дојдеме. Како за нив, така и за нас. Детски игралишта на секој чекор, сообраќаен систем перфектен, инфраструктура на ниво, администрацијата фунционира добро, барем до сега, како за Словенците, така и за нас“, велат Паневски.
Додаваат дека не можат во куси црти да ги набројат поволностите кои им ги понудила државата.
„Работа има ако сакаш да работиш, добиваш регреси за одмор, за Божиќ пред Нова година… Градинки, школи, превоз… се фунционира. Особено е добро за студенти, имаат многу поволности, образованието е бесплатно, а добиваш европски признаена диплома“.
ОД СЕКОЈ ПАЦИЕНТ ДОБИВАМ БЛАГОДАРНИЦА
Паневски особено го потенцираат фактот дека словенечкиот систем е ист за секој граѓанин. Но, велат, тоа те тера веднаш да правиш споредба со македонскиот, за кој, иако веќе не живеат во Македонија, посакуваат да се издигне на нивото на словенечкиот.
„Кога зборуваме за условите, конкретно, еве во здравството, јас се восхитувам – хигиена на беспрекорно ниво, ред и дисциплина… Пред сè си почитуван, што на пример тоа во Македонија го немаше. Тука со гордост ја носиш работната униформа и со гордост кажуваш каде работиш. Да бидам искрена, тука од секој пациент имаш благодарница. Тоа за 16 години работен стаж го немав доживеано. Овде можеш да се усовршуваш и потоа тоа се исплати, знаеш за што вложуваш труд, за на крај да можеш да бираш каде сакаш да работиш“, вели Катерина.
Задоволни од постигнатото, со желба за повеќе и уште подобро, животот го гледаат во Словенија. Велат, тоа што го сакавме и баравме, го најдовме тука и супер функционираме.