Менопаузата, којашто обично се јавува на возраст од 45 до 56 години, носи бројни промени во телото поради намалувањето на естрогенот. Меѓу нив се и оние поврзани со исхраната.
Гинекологот д-р Димпна Вejл од Олбени, Њујорк, САД, објаснува дека на жените во менопауза им треба повеќе калциум, а помалку железо отколку претходно.
-По 51 година, препорачаниот дневен внос на калциум се зголемува од 1.000 на 1.200 милиграми. Идеално, ова доаѓа од исхраната, а додатоците може да се користат за да се пополнат сите недостатоци. Калциумот е клучен за зајакнување на коските бидејќи менопаузата го забрзува губењето на коскената маса, зголемувајќи ја опасноста од остеопороза, изјави Вејл за „Парејд“ (Parade).
Покрај калциумот, витаминот Д има клучна улога во вносот на овој минерал.
-Како што старееме, способноста на кожата да создава витамин Д – опаѓа, што може да доведе до недостаток од тој витамин, вели лекарката.
Без доволно витамин Д, телото не може делотворно да го искористи калциумот што го внесува. Препорачаната дневна доза на витамин Д е 600 единици, а тестовите на крвта можат да откријат други можни недостатоци.
-Вишокот железо, пак, од друга страна, може да се насобере во органите како што се црниот дроб и срцето и така да предизвика здравствени проблеми, предупредува д-р Вејл.
Препорачаната дневна доза на железо во овој период од животот е осум милиграми, што лесно се постигнува преку исхрана, на пр., со грав, спанаќ или говедско месо. Лекарката ја нагласува и важноста на внесот на протеини и влакна за време на менопаузата. Овие хранливи материи го одржуваат општото здравје, вклучувајќи и варење и зачувување на мускулната маса.
-Доколку имате прашања за потребите за исхрана во менопаузата, консултирајте се со лекар или нутриционист. И тестовите на крвта можат да откријат можни недостатоци, а нутриционист може да Ви помогне да ја прилагодите Вашата исхрана на Вашите потреби и желби, додаде докторката.
На крајот, нејзиниот совет гласи: Правилната исхрана обезбедува здравје и виталност за менопаузата – и периодот што следи потоа. (МИА)