Институтот за вселенска медицина и физиологија (Institut de Médecine et de Physiologie Spatiales – MEDES) во Тулуз наскоро ќе спроведе студија за симулација на бестежинска состојба. Наградата изнесува 5.000 евра за десет избрани здрави млади мажи кои ќе мора да останат „врзани“ за кревет десет дена, објавува BFM TV.
Институтот бара десет волонтери за нова студија за симулација на бестежинска состојба, односно нулта гравитација – кога телото не е подложено на ефектот на гравитацијата. Учесниците ќе мора да лежат десет дена во малку наклонета положба, со внес од само 250 калории дневно.
Експериментот ќе се спроведе следниот јуни, со цел да се рекреираат условите на бестежинска состојба во вселената.
Учесниците ќе добијат по 5.000 евра, но мора да исполнуваат прецизни критериуми: да бидат мажи на возраст меѓу 20 и 40 години, во совршено здравје и атлетска градба.
-Ќе има сè подолги вселенски мисии, а прашањата за метаболизмот и исхраната стануваат сè поважни, рече Амандин Фабре, раководител на проекти и клинички истражувања во MEDES.
Институтот наведува дека веќе добил бројни апликации. Ерван, кој беше интервјуиран од BFM TV, сака повторно да учествува, бидејќи веќе бил дел од сличен експеримент во 2023 година. Потоа останал врзан за кревет 60 дена по ред.
„Кога одите во кревет, првите три часа вашето тело воопшто не се навикнува на тоа. Малку ја губите ориентацијата. Но, потоа сфаќате дека вашето тело се адаптира многу брзо“, објасни поранешниот учесник во вселенските студии.
Тој добил 18.000 евра за учество во тој експеримент во 2023 година.