Дедо Мраз пред новогодишните празници е зафатен со подготовка на подароци, но е загрижен поради се потоплата клима и недостатокот на снег во неговиот арктички дом.
Во овој период од годината, градот Рованиеми во финската провинција Лапонија, кој туристичките власти го прогласуваат како „вистински“ дом на Дедо Мраз од 1980-тите, треба да биде побелен.
Но неодамна врнело од темното небо, а температурата била два степени Целзиусови, пишува АФП.
-Мојот ирвас може да лета, така што тоа не е проблем, рекол маж со долга бела брада во црвен костум додека ги одморал своите нозе по долгиот ден поминат со возбудени деца и возрасни.
-Но, можеме да видиме дека климатските промени се реални. И тоа влијае на ирвасите. Тоа влијае на животот овде на Арктикот, додал човекот, чии работодавци не сакале да го кажат неговото вистинско име.
Сточарите тврдат дека поблагите и понепредвидливи зими им отежнуваат на ирвасите да стигнат до лишаите, нивната главна храна.
Снегот се стопи, а потоа замрзна, оставајќи ги лишаите под тврдиот мраз.
Арктикот се загрева побрзо од другите делови на светот поради климатските промени, речиси четири пати побрзо, според истражувањето објавено од фински научници во списанието Nature 2022.
Потоплите глобални температури, поттикнати од согорувањето на фосилните горива, во последните години доведоа до временски непогоди, како што се поплави и суши ширум светот.
Во финска Лапонија, по историски топлото лето, беше соборен нов температурен рекорд во ноември пред неколку недели кога во градот Уцјоки беа измерени 11,1 степени Целзиусови. Претходниот рекорд од 1975 година беше 11 степени.