Технологија САД

ТикТок тврди дека забараната на апликацијата ќе значи прекрушување на правото на слобода на говор

Портпаролот на ТикТок остро го осуди законот, велејќи дека тој „ќе го поткопа правото на слободен говор за 170 милиони Американци и ќе ја затвори платформата што носи 24 милијарди долари за американската економија годишно“.

ТикТок тврди дека забараната на апликацијата ќе значи прекрушување на правото на слобода на говор

Компанијата ТикТок соопшти дека влегувањето во сила на одлуката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес за забрана на платформата би претставувало повреда на слободата на говорот за повеќе од 170 милиони Американци кои ја користат, пренесува Би-Би-Си.

Американскиот Конгрес во саботата усвои закон со кој се предвидува забрана на популарната социјална мрежа за споделување кратки видеа, доколку нејзиниот сопственик не ги прекине односите со Кина.

Законот е дел од надворешнополитичкиот пакет на САД кој вклучуваше помош за Украина, а ако стане закон по гласањето во Сенатот, компанијата Битеданс која управува со ТикТок, ќе има девет месеци да го продаде својот удел на друг сопственик, а во спротивно ќе се соочи со забрана за работа.

Американските власти изразија загриженост за популарноста на ТикТок меѓу младите луѓе. Тие тврдат дека Битеданс е подредена на политичките интереси на официјален Пекинг, што компанијата постојано го негира.

Таквите тврдења ги отфрла и Кина, оценувајќи ги како „американска параноја“.

Сенатот се очекува да гласа за законот веќе следната недела, а претходно американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека веднаш потоа ќе го потпише законот.

Портпаролот на ТикТок остро го осуди законот, велејќи дека тој „ќе го поткопа правото на слободен говор за 170 милиони Американци и ќе ја затвори платформата што носи 24 милијарди долари за американската економија годишно“.

ТикТок тврди дека Битеданс „не е агент на Кина или која било друга земја“. И самата компанија Битеданс инсистира дека не е кинеска компанија, посочувајќи на многу светски инвестициски фирми од Запад кои поседуваат 60 отсто од компанијата.

Основана во 2012 година од кинески претприемачи, Битеданс го лансираше ТикТок една година подоцна.

Апликацијата за таа социјална мрежа беше забранета во Кина, но за пет години доби над милијарда корисници ширум светот. (МИА)

To top