Времето покажа дека талентираниот, но несуден кацелариски фудбалер А. Груби бил многу плашлив!? „Херојот’’ чиј лет започна од скопското Кале тивко се приземји некаде на косовско-албанска територија. Се сокри во некој гулабарник и повеќе од еден месец се дума што да прави понатаму. Угоре му е високо, а удолу уште подлабоко. Секој ден станува се посвесен дека неговата партија нема сила да го ослободи од обвиненијата кои допрва ќе му се поднесуваат за сторениот криминал додека беше прва виолина во извршната власт. Тивко „преде’’ и од ден станува свесен дека се што е слатко трае кратко и дека товарот на одговорноста ќе мора да се понесе. Што би рекле нашите северни соседи „Било нам је прелепо, ал сад је дошло време ќорке’’.
Тој е свесен дека наводната загриженост за правата на Албанците секојдневно искажувана од страна на колегите криминалци од партијата не може да го покрие или забошоти сторениот криминал. Груби од стекнатото искуство добро знае дека сиве овие поминати години кога најмногу се крадело тогаш најгласно се говорело за наводна дискриминација и обесправеност на Албанците. Матрицата на реагирање е иста и тогаш и сега. Заканите за дестабилизација и очајните обиди да се виктимизира албанскиот народ не поминуваат. Во државава постојат и функционираат институции кои се грижат за правата и безбедноста на граѓаните, за редот и мирот. А сето тоа мошне добро го знае и следи и меѓународната заедница
Грешка ќе направи Груби доколку насобраната „енергија” за сиве овие години додека беше на позиција сега ја троши јалово и непродуктивно предење, сокриен во некој стан или подрум. До пред некој месец сите ние го препознававме како како маалски шериф кој за кратко бреме порасна во голем регионален шериф исполнет со многу голема енергија и самобендисаност. Се надмина себе си. Ги надмина сопствените капацитети. Постигна голем успех и наеднаш издиша. Големото орле атерира со издишани гуми на земја од голем висина и наеднаш замолчи како риба и се сокри неабре мислиш дух станал. Никаде го снема. Молчи тој, но молчи и партијата чиј што член е се уште.
Се плашам дека криењето и молчењето може да го доведе до состојба на депресија. Млад и весел човек и наеднаш во депресија!? Не бива така. За да не се доведе во таква ситуација стручните луѓе препорачуваат да почне да пее. Деновиве на големо се зборува дека се формира голем пеачки хор од талентирани за пеење политичари. Хор во кој сите ќе пеат по сопствени ноти. Па затоа наместо да молчи нека почне да „пее’’ во новоформираниот хор. Не мора да пее онака како што пеат неговите „блиски” довчерашни патрони и сопартијци и коалициони партнери. Ако може погласно, уште подобро за него. Нека не се плаши дека од гласното пеење ќе му попуштат гласните жици. Психологот Даниел Џ. Левитин кој го посветил својот живот за да го разбере влијанието на музиката врз човечкиот мозок заклучил дека пеењето во група има наголема моќ во спречувањето на здравствените проблеми.
Иако поради пеењето по соствени ноти на почетокот е непријатно да се слуша ваков пеачки хор сепак со малку повеќе повторување диригентот вообичаено изнудува убава мелодија Така е тоа во животот, некој ќе пее вака, некој онака, некој овде, а некој таму, надалеку. Битно е дека се пеело и ќе се пее. Бројот на пеачи од ден на ден се повеќе ќе се зголемува. Наеднаш сите ќе сакаат да пеат. И со право. Па нели важиме за музикален и пеачки народ? Не туку така оперската певица Кети Кет изјавила: „Пеењето ја зголемува самосвеста и способноста за комуникација со другите. Тоа го намалува стресот, ни дава утеха и ни помага да го откриеме нашиот идентитет и влијание“. Кој порано ќе запее тој порано ќе се самоолечи.
Колумна на проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ