Малку иронија и сарказам, никогаш не е на одмет, нели? Отворете на некој од популарните агрегатори на вести, и ќе ви стане јасно каде живеете. Власта ве убедува дека живеете одлично, а народот се мачи со покривање на редовните режиски трошоци и купување храна. Скапи и огромни коли се паркираат каде сакаат, додека пајакот ги крева возилата на рајата. Секојдневна даночна евазија и криминали со милионски суми со државни пари, а ние се занимаваме дали ни дале фискална за геврече или за семки. Летно време кога има пожари, Канадерите за гаснење баш тогаш се расипани или се сервисираат, а како за чудо, секоја зима успева да не изненади снегот.
Легенди невидени сме. Оваа владејачка структура тврдеше и ветуваше дека нема повеќе да има непотребни вработувања, дека нема да се трупа администрација, дека ќе има рационализација итн. Знаете што се случи? Бројката порасна, и не само што не се намали, туку и се доконтаминира дополнително, затоа што си одеа стручни луѓе и професионалци, а се примаа административци и бирократи кои се седат во канцеларија.
Навистина е фасцинантно да имаш еден куп јавни претпријатија за одредена дејност, и плус да правиш тендери со милионски суми во евра за работа која треба да ја извршат самите. Косење трева, кастрење гранки, пополнување и санирање на дупки, одбележување, патна сигнализација, и секако чистење на снег.
Претпоставувам дека истото кај и да е, ќе го дочекаме и во болниците и во школите. Па, можеби ќе не прегледа правникот, а инекција и инфузија ќе ни стави архиварот или некој од јавни набавки. На училиште математика или физика ќе ни предава педагогот, а хемија и биологија, некој од човечки ресурси, шо би рекле по старо, од кадрово.
Вакво катастрофално однесување во сите аспекти на општественото живеење во Македонија е незапаметено, и за жал, секоја година делува дека е полошо. Тоа што тук таму полицијата ќе спроведе некоја акција, што обвинителството ќе поведе некоја постапка, или анти корупциска ќе излезе со некој прес, само ќе потпали искра надеж меѓу народот, и во следните неколку месеци ќе се изјалови и исчезна во бирократските лавиринти.
Не не бива драги мои, затоа што имаме изместени вредности и негативна селекција. Затоа што и дел од оние кои се надеваат дека ќе ја сменат оваа неспособна власт, мислат дека со лижење, полтронство и исполнување на желбите на неој моќник, ќе го совладаат принципиелниот противник за некоја позиција, и поради своите амбиции, спремни се уште толку да ги дозакопаат и така потонатите институции и претпријатија.
Се‘ за власт, нели? Се‘ за малку моќ, можност за прераспределба на одредени средства, службено возило, мобилен, службена картица и по некој ручек и патување.
И после се чудиме за поплави од просечен дожд, за корнење дрва од нормален ветер, и секако успева да не изненади и снег, во зима. Железницата ја уништија во корен, патнички возови нема, ама потпишале договор за брза пруга до Ниш.
Најголемата трагедија е што никој за ништо не одговара. Ни морал, ни етнички, ни материјално. Нама оставки, нема парични казни, нема одземање имот, нема судски процеси. Има само политички театар, лоша глума и мачкање очи.
Она што го гледаме, а и премолчуваме цела година, претпоставувам дека се надеваме дека ќе го затрупа снегот. Можеби и затоа не сме многу ажурни да го расчистиме, кога ќе ни ги затрупа патиштата. Се‘ ќе да е можно!