Колумни

Од каде идејата дека само со Бугарите во Уставот ќе докажеме дека сме Македонци?

Нема понеинтелегентно оправдување за внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија од тоа дека така ќе се докажело дека ние сме различни народи. Но, како и обично во животот – ништо не е толку глупаво, за да не може да биде уште поглупаво. Не знам колку пати сум повторил, ама еве уште еднаш: Бугарите не спорат околу тоа дека сега сме различни.

Од каде идејата дека само со Бугарите во Уставот ќе докажеме дека сме Македонци?

Нема понеинтелегентно оправдување за внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија од тоа дека така ќе се докажело дека ние сме различни народи. Но, како и обично во животот – ништо не е толку глупаво, за да не може да биде уште поглупаво. Не знам колку пати сум повторил, ама еве уште еднаш: Бугарите не спорат околу тоа дека сега сме различни.

Ние сме Македонци, а тие се Бугари. И тоа нема никаква врска со тоа дали нив ги има во Уставот или ги нема. Тие спорат само една мала, друга, ситница: дека, не денес, туку во минатото не сме биле Македонци, односно велат дека сме биле Бугари од кои саканиот ни другар маршал направил Македонци. И толку.

И поради таа „мала ситница“ од минатото, не е од денешнината, тие ќе не блокираат за влез во ЕУ, ако Историската комисија не постапува според нивниот замислен план. Фино смислено, нели?

Е, сега, во крајна линија не е толку проблем што постојат и такви овдешни „интелигентни“ изблици со кои се оправдува притисокот врз Македонија да го прифати налогот за промена на Уставот. Проблемот е што таквите персони добиваат јавен прстор. Па прашањето е кој е сега на врвот на приказната „dumb, dumber and dumbest“.

Зашто не се работи тука за слобода или неслобода на говор, за размени на идеи или нешто слично. Едноставно се работи за тоа дека не можеш да лечиш болен човек со редење пијавици на него и тоа е тоа. Покојниот Ванчо Петрушевски беше еким во една од легендарните „Македонски народни приказни“ и лечеше со рицинус. И тоа е отприлика нивото на оваа идеа за причината поради која е потребно вметнување на Бугарите во Уставот. Со тоа што кај нашиот легендарен еким тоа беше забавна приказна. Оваа приказна ни ја продаваат како сериозна.

Арно ама тоа се „критериумите на ЕУ“. За која Виктор Орбан вели дека се дави во корупција. Што не е можно. ЕУ и корупција? Ви се молам! Брисел и корупција? Ама ајде… Плус ја фатиле Федерика Могерини, за која своевремено, во време на притисокот за промена на името, напишав дека има мозок во кој и се вгнездил целулитот од задниот дел, за 650 000 евра (денеска, по толку поминати години не би си дозволил такво изразување, ама ете, помлад – полуд). И некој сака да поверуваме дека таа станала наутро од кревет за толку малку пари?

Се разбира, на крај ќе испадне дека жената е невина. Или дека ова и е прв пат, па може да и се прости. Како во случајот со Саркози. Беше што беше, ајде сега оди си дома.

Но, проблемот е што Орбан не зборува за Могерини. Тој зборува за сегашната состојба. Могерини е минато. Орбан зборува за денес. Што навистина е проблем. Настрана двојните стандарди со извештаите за нас. Во кои се вели дека сме биле корумпирани. Што е точно. Ама некако не оди кога крадецот вика „држ’те го крадецот“!

Со таа разлика што македонските граѓани се свесни за тоа. За нашата корупција. Затоа, во услови кога ни недостигаат 120 лекари на 100 000 жители и околу 400 медицински сестри на исто толку жители (што е стар податок – од 2020 година, сега бројките веројатно се полоши), и во услови кога онколозите и хирурзите ни работат за основна плата од 80-тина илјади денари, граѓаните не сакаат ни да чујат за зголемување на платите на судиите и обвинителите. Кои би требало да ја решат корупцијата. А не можат, затоа што сржта на таа корупција е вгнездена таму. Да не се повторувам сега со СЈО и сличните глупости, но од друга страна, од умот некако не се тргнува прашањето: Ако СЈО беше неуставен орган (а беше, затоа што во Уставот јасно стои дека ЈО – ова на чие чело сега е Коцевски – е „единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела“) не излегоа со барање таква грдо чудовиште кое ја метастазираше корупцијата и системот на уцени во Македонија, да не постои. Чудовиште за кое дававме 4 милиони евра годишно. Пари кои можеа да одат во редовното ЈО. Навистина, зошто судиите воопшто прифаќаа акти од таков неуставен орган? Се сеќавам, еден поранешен претседател на Републичкиот совет на јавни обвинители, еден од најголемите правни умови кои оваа држава ги имала, ми велеше дека тој да е судија, не би прифатил никаков документ, не пак обвинителен акт од таков неуставен орган. Кој сте вие? Ве нема во Уставот, ни во Законот за ЈО. Ајде марш надвор!

Но, обвинителите премолчеа. Ја премолчеа и славната Вилма. Како што судиите ги премолчеа и Кацарска, апелационите судии кои ги аминуваа нејзините пресуди и врвот на сето тоа, Врховниот суд. И граѓаните се свесни за тоа. Знаат од каде мириса рибата. Не се Заев. Затоа и не сакат да чујат за нивните плати. Поголеми плати. Молам?

Многу луѓе ме застануваат и разменуваат по некој збор со мене. Пред некој ден, една прекрасна госпоѓа дури и за малку ќе се расплачеше додека разговаравме. И ако порано, сите секојдневни граѓани на оваа држава со кои сум разговарал бараа работа, плати… сега сите до еден, од првиот до последниот, бараат правда. Ништо друго, освен правда. Сакаат нормална, мирна држава во која правдата е на прво место. Луѓето едноставно знаат дека ако тоа се постигне, лесно ќе се дојде и до поголеми плати и до доволен број на лекари и до… се што му треба на еден наш, по природа скромен човек. И ако тоа се постигне, тие ќе немаат ништо против ни за 3 или пет илјади евра плати на обвинителите и судиите. Самите ќе ги однесат тие пари. Но, прво бараат резултат. Па потоа да даваат пари.

Како и да е, тие кои седум години го дозволуваа тоа со СЈО, со Вилма, со Кацарска, сега бараат да дошол странски овбвинител. Иако Коцевски е нивен избор. Ја бараат Лауера Ковеши. Истите тие кои кога на времето токму ВМРО-ДПМНЕ сакаше да го донесе Франческо Мандои, прославениот италијански антимафијашки обвинител, кого среде Скопје го интервјуирав во рамки на тогашен „Фокус“, кренаа прашина небаре сакаме да им објавиме војна на САД. Па ги впрегнаа и нивните перјаници од нашето т.н. новинарство. На кои почна да им тече пена од устите како што тече пена од расипан одвод на автоперална.
А за проблемот, денес, 20 години подоцна, не ни треба странски обвинител. Се решава мошне едноставно. И лесно. Добро, не баш лесно, ама сепак – се решава. Овде, дома. Со нашите обвинители и со нашите судии. Кои ги има, и стручни и чесни. За да не бидеме како ЕУ. Во контекстот за кој зборува Орбан.

Многумина ми велат дека колумните ми се долги. Во ред. Затоа ќе прекинам овде. За да не забегам повторно со редовите. Кои секогаш ми се малку. Ама нека, за денеска доволно е, ќе послушам. Посебно што утре е празник, нека ви е среќен и за многу години. И кој ќе има можност да тркне до Плаошник, нека запали и една поголема свеќа, за здравје, за сите.
(Е реков дека ќе прекинам, ама ете… што слушам дека судиите, парите наменети за К-15 на администрацијата ги користеле за исплата на нивни тужби за К-15, што според претседателот на УПОЗ не им следува бидејќи се функционери?)

Колумна на Дарко ЈАНЕВСКИ објавена на неговиот Фејсбук профил

To top