Колумни

Ништо не го спасува СДСМ од колапс, па ни лажни „афери“ за анкетите!

Ништо не го спасува СДСМ од колапс, па ни лажни „афери“ за анкетите!

Да бидам искрен, и јас многу не им верувам на анкетите на ИПИС кои ги презентира МТВ. Обично тие покажуваат двојна предност на ВМРО-ДПМНЕ кон СДСМ, а според мене разликата е најмалку 3:1. Така што СДСМ би требало да им бидат благодарни на ИПИС за анкетите, а не да го обвинуваат, бидејќи тие во ублажена форма го прикажуваат колапсот што му следи на СДСМ.

Но, на Бихачка извгледа комплетно „одлепиле“ од реалноста. Не се свесни за пулсот на народот надвор од нивните канцеларии и фотелји, како што не се свесни дека надвор постои таков гнев кон нив, што никакви лажни обвинувања кон Луке Галески и другите, меѓу кои навеле и некое име на некој човек кој не постои, нема да им помогнат. Тие очигледно живеат во својот свет на бифтеци и милиони и немаат поим дека на улиците има 500 000 луѓе кои дневно располагаат со само 150 денари на ден, 84 000 луѓе кои живеат со 60 денари на ден, 100 000 пензионери кои примаат 13 000 денари пензија, 200 000 пензионери кои примаат пензија до 20 000 денари, 46 отсто вработени кои имаат минимална плата или плата која се движи тука некаде и да не редам понатаму (извинете што се повторувам со овие бројки во последните неколку колумни и јавни настапи, но тие се толку ужасни, катастрофални и шокантни што едноставно треба да се врежат во свеста на секој граѓанин на оваа пустелија).

Така што во Македонија веќе станува збор за беда и глад, а не за некаков европски пат. За каква Европа можете да му зборувате на човек кој има 60 или 150 денари на ден, за каква Европа можете да зборувате кога тие луѓе се мнозинство во државата чии протагоности се фалат со тоа што преку пуч, преку уцени и насилство, додека глумат жртви, ја прекрстиле во Северна, па уште и додаваат и се фалат со тоа дека вчера Заев добил громогласни аплаузи во Борис Трајковски. За каква Европа ни зборуваат, кога еден од нивните главни пулени во кампањата ќе биде Филипче, во чиј мандат Македонија застана на трето место во светот по бројот на мртви од корона, веднаш зад Перу и Бугарија. Премногу трагично за да биде и смешно во исто време.

Кога на сето ова ќе ја додадете и корупцијата, која не дека ја немаше, ама која сега го има зафатено целиот организам, бездушното крадење и трупање милиони, тогаш, разликата од 3:1, наспроти разликата од 2:1 изгледа сосема нормално. Работата е дотаму дојдена што на еден паркинг, возачот кој што излегува ја пушти картичката за излез во апаратот, а тој ја зеде, но рампата не му се крена. Го повика редарот, а тој му вели: „Што се чудиш, ова е Македонија, овде и апаратите крадат!“ Ете до кај сме стигнале!

Но, сето ова покажува дека, пливајќи во базените со украдени пари, т.н. социјалдемократи комплетно ја промениле свеста. Нивниот мозок едноставно не функционира согласно погорните бројки за чие постоење се исклучиви виновници, туку на сосема поинаков начин. Тие се веќе психолошка категорија која не може да ја перцепира мизеријата во која живеат огромното мнозинство од граѓаните. Тие, додека ги обезбедуваат своите внуци и правнуци со украдени милиони, преминаа во категоријата на Марија Антоанета и време е да почнат по своите канцеларии да закачуваат нејзини фотографии. Тие се нашата, оригинална „северна“ верзија на Марија Антоанета која шета низ позлатените ходници на Версај и се расфрла со обвинувања за нарачани и лажни анкети не верувајќи дека народот не ја сака и не сфаќајки зошто е тоа така. А, ете, по самите себе и нивните милиони гледаат дека овде сите сме богати. Зар, не? Тие немаат поим дека 16 денари струја по киловат час (ако се греете на струја и влезете во четвртиот блок) едноставно е премногу висока фантастична цена за економски исцрпениот и сиромашен народ чија главна рекреација во зимно време е цепење дрва за да заштеди додека цела фамилија се бутка во една соба.

Така што ВМРО-ДПМНЕ, Луке Галески, Зоран Ставрески и другите наведени во лагата на СДСМ немаат потреба да местат никакви анкети. Очајот што владее во СДСМ по оваа наводна афера е доволен показател дека партијата на власт убедливо губи и дека таа разлика може само да се зголемува, независно од закаснетите ветувања од Бихачка за плата од 1 100 евра. Самиот податок дека во исто време, додека СДСМ ветува плата од 1 000 до 1 300 евра, нивниот пулен Битиќи смета дека нема пари за линеарно зголемување на пензиите од 5 000 денари (само затоа што тоа е ветување на ВМРО-ДПМНЕ) доволно покажува дека партијата веќе нема компас, односно дека го има, но стрелките покажуваат сосема различен правец од тој што треба да го покажуваат. И тука веќе нема спас за оваа партија. Колапсот е неизбежен, прашање е само колку драматичен ќе биде и што ќе се случува после библискиот потоп што ќе ги удави. И тука нема никаков „фризерај“.

Како што нема спас ни во нивната надеже дека дури и да загубат на изборите, тие заедно со ДУИ ќе формираат влада. Ако се гледаат анкетите, ни на ДУИ не му оди сјајно, па Османи губи во шестата изборна едница, а ДУИ и „ВРЕДИ“ се изедначени. Кога работата дојде до таму Ахмети да не е сигурен на изборите, Дунав очигледно донел премногу вода. И тука завршува приказната за оваа фабрикувана „афера“ со анкетите од Бихачка. Очајно слабо, момци. Очајно слабо. Дајте нова лага!

 

Дарко ЈАНЕВСКИ

To top