Актуелната ситуација со фамозните ЕУ интеграции се повеќе наликува на приказната за Итар Пејо, мариовците и волната. Знаете, кога ги убедил селаните дека маглата која надѕирала под карпата е волна, та сите се фрлале за да што повеќе награбат од гратис направијата. И скокале во неповрат, ко улави…
Има само еден проблем. Голем проблем, фактот што сега улогите се променти. За жал на оние кои го правеле кастингот, мнооогу ја утнале работата. Статива…
И така на местото на Итар Пејо, ставиле еден Венко Филипче?! Пред него беше Димитар Ковачевски викан Таче, а пред нив и се’ уште раководен кадар Зоран Заев познат како Црпко Муртинхаузен. Кој од кој подибидус, дилајла, копук, шајшупка. За разлика од Итар Пејо, кој е олицетворение на итрината и снаодливоста на македонскиот напатен народ, особини кои ги здобил поради тешкото битисување и вековниот кијамет, овие тројцата гилиптари се раснети ко бубрежиња во лој. Ок, можеби селскиот мангуп Заев и научил некоја алаш-вериш финта продавајќи пиперки-ајварки по екс Југославија и киснејќи на бугарско Илиенци, ама тоа е неговиот максимум. И не, никогаш не бил сиромашен. И уште по НЕ, природна глупост не се надополнува со вештачка интелигенција…
И сега, замисли, Венко познат по пожарот во модуларната, „дилот“ со кинеските вакцини и и џипот и хациендата кои ги „нема“, човечето што се журка „до смрт“ на Харис со Црпко во Дубаи и се вози на милионски јахти додека партијата му пропаѓа во длабок амбис, ќе го лаже овој ист народ дека маглата е волна? Тешко, претешко ќе му успее да го смеси овој ултра-скептичен материјал од кој е изделкан напатениот и милион пати излажаниот Македонец. Горкото искуство со продавање на тестиси за бубрези низ целата историја, особено овие 20 години бриселски трчи-лажи дубари со различни СДС подизведувачи, одамна не’ научи дека се’ што лета не се јаде. А, и дека пред да голтнеме, треба бааги да џвакаме…
Истата финта не и помина на една Урсула, не па не Венко. Иако, симптоматично или не, и двајцата се вмешани до гуша во афери со ковид вакцини. Случајно, нели. Таа Фон Дер Лајен се обиде да ни продаде „топки“ за бубрези, прво цитирајќи ни го „Пиреј“, за да онака надмено ја смести бугарската топка во нашиот двор. Заборавајќи дека не пиеме нафта и оти за која и да е игра со топка (освен ритмичка гимнастика) се потребни минимум двајца. Не сфаќаат колку такви надобудни ликови минаа низ независната ни Македонија. Од она копитото што тик-такуваше со часовник пред собранието, преку разни Оли Реновци, Баросовци, Солани, Хановци, Оравци, Фуеревци и кој ли не манипулатор. Што се’ трпеше оваа македонска почва и кој се мина од странски муфљузи до домашни ултра-одроди, не можеме да заборавиме.
И после се’, еден немтур наместен на октроираната му фотеља на партија во распад катализиран со бајатиот Фрле, најсурушкиот екс министер за „внатрешни и надворешни“ (повеќе за по надвор, отколку за по внатре) кој здраво и до балчак му го фати на Заев, ќе не убедуваат дека требало да внесеме Бугари во Устав??? Дека ќелепурот Заев бил херој? Дека ако не ги внесеме, ќе било потоп? Ајт, таму. Отрпнавме на тие дефетистички и патетични „думс-деј“ прикаски за Македонија.
Сфати народов дека апокалипсата доаѓа токму со и од „јавачите“ од Бихаќка, едно те исто секогаш кога се на власт. А дунстерите национални постојано го плашат народецот со истата таа апокалипса ако не биле на власт? А, всушност, се гребеле пустите арамии за да се наместат во фолтелја за да не одат во ќорка… Таксират есдесовски, за греота сте.
Се сеќаваме какви ајвани беа Бугарите и Романците кога насила ги тупнаа во ЕУ. Гледаме сега кога сакаат истото да го сторат со Украина. Знаеме и дека сме многу подобри од Албанија, за БиХ и Косово да не правиме муабет. Арно ама, се’ да ти било интерес и политичка одлука, која да ти немала „благе везе“ со некакви копенхагеншки критериуми и хармонизации. Единствена хармонизација е интересот на бриселскиот бирократ. И толку. Точка.
И за нивна жал, Европа и светот одат кон суверинизам. Ние го фативме возот, уште лани. За промена, и ние нешто на време да сториме. На сервилните и субмисивни коленичарчиња како Венко, Таче и Црпко рокот им е одамна поминат, анахронизми со ролји стари неколку децении, нешто слично на дизел локомотива на ултра-модерната јапонска пруга на која се „пичи“ со 400 км/ч.
Јасно ни е. Велат, ако твоето куче почне да лае по тебе, некој друг го храни.
И не, не зборуваме за вистински кучиња, туку за овие политикантските пци, стари кутриња кои очебијно не можат да научат нови трикови и кои катадневно лаат ли лаат по и против Македонија. Службаши, кодоши и политички атавизми од комунизмот кои цела кариера за туѓи бели гробови ни копаат црни гробови. Ништожни и ненаситни демагози кои е крајно време да ги сместиме онаму каде што природно гравитираат и припаѓаат. На буниште.
Ни се погоди, заедно со чистењето на Скопје, да ја зачистиме и Македонија. Крајно време за една македонска национална катарза и освестување, зачинета и комбинирана со дезинфекција, дезинсекција, дератизација, дедуизација и десдсмовизација на она што по нив ни остана од државата…