Читајќи ги програмите на Владата на СДСМ и ДУИ за периодот 2017 -2020 година и 2022 -2024 година ќе се забележи дека истите ветувања кои се дадени 2017 година се повторуваат и во 2022 година, односно се уште се актуелни и сега кога оваа владеачка гарнитура е на заминување.
Без срам, во програмата се наведува дека Владата на СДСМ и ДУИ ефикасно и квалитетно се справила со Ковид пандемијата. Колку квалитетно се справила говорат податоците и анализите кои се потврдени и од меѓународни институции , а тоа е дека Македонија беше неславен рекордер по смртни случаи како последица на корона инфекцијата и компликациите кои ги предизвикуваше невидливиот непријател. Македонија беше држава која последна во регионот успеа да набави вакцини за имунизација на населението и благодарение на нашите соседи се обезбедија вакцини за имунизација барем на здравствените работници кои беа во првите редови во справување со пандемијата. Да не споменувам колку квалитетна беше организацијата во справување со Ковид пандемијата кога во модуларната болница во Тетово живи изгореа 16 пациенти , наши сограѓани, под сеуште до крај неразјаснети околности.
Понатаму , во програмите во континуитет од 2017 година па 2024 година се ветува изградба на нов Универзитетски Клинички центар, само сега пред заминување не се наведува на која локација, дали тоа ќе биде Бардовци, Злокуќани, Ѓорче Петров или некоја нова дестинација. Намерно или ненамерно не се наведува дека свесно и без стручна анализа се прекина готов проект за изградба на нов клинички центар за кој беа обезбедени финансиски средства од европски финансиски институции, заради што даночните обврзници ќе треба заради нечија суетност и незнаење да плаќаат пенали во вредност од 18 милиони евра.
Без трунка чувство за одговорност се ветува дека ќе се доизгради новата Клиничка болница во Штип која е од витално значење за граѓаните од источниот регоион.ЗА овие седум години власт на тој објект кој е во напредната фаза на реализација не е фрлена ниту една лопата а во сите програми на Владата на СДС и ДУИ се повторува истата лага дека Клиничката болница во Штип сега ќе биде доизградена и пуштена во употреба во најкраток временски период.
Се ветува проширување на позитивната листа со круцијалните лекови кои ги користат голем број на пациенти, дека ќе се обезбедат лекови за болните од малигни заболувања, хронични и ретки болести. И, ова е една од големите лаги на актуелната владеачка гарнитура. Видовме што се случи на Клиниката за Онкологија, ги гледаме секојдневните реакции на болните од хронични и ретки болести.
Се ветуваа континуирани едукации на здравствениот работници, вработување на млад и едуциран персонал, заштита на интегритетот на здравствените работници со измена во законите.
Ниту видовме едукации, ниту вработување на здравствните работници кои со години работат со апстрактни договори а уште помалку видовме заштита на здравствениот персонал кој е предмет на напади и малтретирање на работните места.
ДО кога вака другари, здравството го доведовте до дното, подолу не може !
Колумна на проф. д-р Андон Чибишев
Член на централната комисија за здравство и Градскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ