петок, 14. декември 2018. Вести денес: 29
home Колумни

ДОВЕРБА

ДОВЕРБА

Поводот за барањето на ВМРО-ДПМНЕ за гласањето на доверба на Владата, воопшто не е пукање во празно. Ова барање доаѓа во моменти кога опозицијата смета дека власта изгуби една цела непродуктивна година и уште една пропуштена можност да се добие позитивна препорака за започнување на преговорите за членство во Европската Унија. Една година е повеќе од доволен период за една власт да покаже дали имала реални предизборни ветувања и чесни намери кон своите гласачи и кон граѓаните или сѐ било само убаво спакувана хартија, за еднократна употреба. Доволен период за да се види дали биле сериозни во ветувањата дека „ќе донесат живот за сите“ и доволен период да се види дека „планот 3-6-9“ е само розеви наочари, а не план за работа.

Ако пратениците гласаат според својата свест и совест, со реално расудување, а не според партиската припадност и послушност кон претседателот на партијата, Собранието ќе и изгласа недоверба на Владата. Ако пак пратениците од владеачката коалиција гласаат без свој став, спротивно на реалноста и личните убедувања, туку онака како што налага нивниот „шеф“, гласањето на недоверба нема да помине. Но и да не и се изгласа недоверба на инсталираната Влада, сепак реалноста нема да се промени. Оваа Влада во секој случај ќе остане запаметена како нај неспособна, предавничка, однародена и уништувачка.

Oпштата перцепција за состојбата во државата, на еден нормален човек, кој сеуште здраво расудува и е загрижен за понатамошниот опстанок на својата држава e очајна.

Безбедноста на граѓаните е урнисана. Нема ден без жртва на улично насилство или убиство, без запален автомобил, ограбени домови, ограбени луѓе на улица. Секој еден е уплашен дека него го прислушкуваат на телефон, дека го следат, дека ако каже нешто против власта ќе заврши во најмала рака на информативен разговор. Никој не се чувствува безбедно. Па дури ни самите полицајци, оти речиси секој ден по некој од нив е истепан од некој криминалец кој е близок на власта.

Судството е клекнато на колена, ставено во скутот на власта. Се суди спротивно наЗакон, спротивно на правилата и процедурите, спротивно на судската пракса. Се суди само по нарачка и според желбите на власта. Дури и на луѓето кои веруваа во правдата и правдината им е јасно дека се што е поврзано со судството е однапред нарачано и договорено.

Секојдневието на луѓето им е отежнато, основното право на достоинствен живот им се одзема. Сиромаштијата е се посилна, а цените на сите производи и услуги растат, што поради воведувањето на дополнителната акциза на нафтата, што поради неспособноста на власта за одржување на постоечките или пак отварање на нови инвестиции. Речиси сите претходно почнати градежни проекти се закочени, застанати, не се гради ништо во државата и голем дел од вработените во градежната оператива седат без работа, а платите и пензиите стагнираат. Вработени во институции се бркаат од работа или се преместуваат на нови работни места, десетици километри оддалечени од својот дом.

Се поголем е бројот на разочарани млади семејства кои се иселуваат, барајќи достоинствен живот за нивните деца во туѓина, без помисла да се свртат назад и некогаш да се вратат.

Потребите на граѓаните се заборавени и фрлени на страна. Институциите и општините речиси се умртвени, не функционални. Една обична потврда или извод не може да се извади. Болниците се потонати и опустошени, на шалтерите за социјална помош се редат нови редици луѓе.

Корупцијата владее со ситуацијатаи е во рапиден раст. Падот за 17 места дури не ја ни доловува вистинската перцепција на луѓето за корумпираноста на сите нивоа на власт и по хоризонтала и по вертикала. Еклатантен е примерот со последната набавка на возила за потребите на МВР, но ништо помалку значајни не се и многуте други примери, како што се на пример укинувањето на царината за увоз на батерии кои ги увезува единствено фирмата на актуелниот вицепремеиер или пак предлогот за изградба на нов државен клинички центар, поскап за 350 милиони евра или за три пати повеќе од претходниот и тоа на приватно земјиште во Бардовци итн.

Насилието и беззаконието се основна одлика на власта и во Собранието и во државните институции. Се пристапува кон промена на идентитетот на државата, при тоа прикажувајќи се себе си како жртви, а не како предавници, без да го прашаат сопствениот народ дали сакаат таква промена. Се носи закон спротивен на Устав, на нај насилен и криминален начин и се отвора можност за загрозување на суверенитетот на државата. Со еден збор, оние кои се најодговорни да го спроведуваат Уставот и законите, самите го рушат уставниот поредок.

А последиците од начинот на кој владеат, за жал, допрва ќе ги чувствуваме сите.

Ова се дел од причините зошто ВМРО-ДПМНЕ бара да се изгласа недоверба на оваа Влада. Ова се дел од причините зошто ние како луѓе, како народ, мораме да ги спречиме во нивните намери да ја разнебитат државата на секое ниво. Оваа власт е нај неспособната власт до сега.

Проблеми имало и ќе има. Но, наместо да се создаваат нови, треба да се решаваат постоечките, во од, без застој, затоа што нема проблем кој нема решение. Треба да се сака да се решаваат и треба да сме способни да ги решаваме. Власта треба да работи за интересите на своите граѓани и за интересите на својата држава. Тоа е причината зошто на избори и се дава доверба.