Американскиот сенатор Џон Кенеди, еден од најпопуларните и најомилените политичари во САД, пред се поради неговиот брилијантен ум и посебно, поради извонредно интелигентната смисла за хумор, вели дека не треба да си будала (добро, он вели „луд“, но контекстот е тој) за да станеш член на американскиот Сенат. „Кога ќе влезеш внатре“, вели тој, „ќе бидат среќни да те обучат како да станеш будала“.
Кај нас, тоа секако важи за бирократијата. Не треба да бидеш будала. Влези внатре и тие ќе те обучат. И не се обидувај да се објаснуваш со нив. Оној Индиецот, Садгуру, вели не се расправај со будали. Бадијала е. Не се објаснувај. Попрво мазгата ќе научи да свири на пијано и тоа во стилот на Виктор Борге, со наопаку свртен лист на нотите, отколку бирократски ум да те разбере. Не бива, уздата е узда. Очите не гледаат, мозокот не работи ни лево, ни десно. Само право. Како автомобил со закочен волан и менувач. Вози Мишко. Во провалија.
Многу пати пишував дека клучниот проблем за Македонија е правосудството. Сега ми е јасно дека рамо до рамо со него е бирократијата. И под тоа не мора да се подразбере чиновник како Виќо од „Сомнителното лице“ на Нушиќ или началникот кој ненадминливо го глумеше Петре Приличко и со тоа, за навек ги уништи сите идни претстави, зашто едноставно не можеш да гледаш друго „Сомнително лице“ ако си го гледал Прличко. Како „калвадосот“ стар десетици години, најдобриот калвадос на светот, што во една меана го пијат Равик и неговата Јоана во Триумфалната капија на Ремарк. “Тоа е најдобриот калвадос“, вели Јоана, „и затоа не е добро што ми даде да го пијам. После него, ниту еден друг нема да ми биде ни малку добар“, вели таа.
Како и да е, тука не зборувам за чиновниците, меѓу кои има и прекрасни и умни луѓе, туку за начинот на функцонирање на мозокот. И ете уште еден предзивик за Владата на Мицкоски, еднакво важен како и оние 400 милијарди евра за енергетика што тој ќе се обиде да ги донесе во т.н. Западен Балкан. Да го отвори тој мозок на мазгата на државната бирократија и да и ја тргне уздата на Нушиќ ставена уште во времето кога го напишал „Сомнителнотот лице“. Инаку, Македонија ќе остане земја во која мора да најавиш и кога ќе умреш. Во спротивно – не бива. Не знам дали освен месецот, треба и денот и часот на умирачката однапред да ги кажеш, ама ако треба, се јавува еден проблем. Ете, си решил да умреш во недела во 15 и 30 часот, тоа уредно си го најавил на бирократијата, ама жена ти доаѓа и вели: „Ајде прво закачи ја завесата, измиј ги чиниите, пружи ги испраните алишта – и пази, сите штипки да бидат во иста боја и немој да ми мешаш долен веш со горен на иста жица – па умирај во 16 часот“.
И, ете ти проблем! Како тоа ќе умреш половина час подоцна од најавеното? Што мислиш ти, каде се наоѓаш?
Од друга страна, сите во државава сакаат пари. Проблемот е што малку кој сака да ги заработи. Повеќето, посебно овие државниве, мислат дека тие им се од Бога дадени и им припаѓаат по дефиниција. Да се појавиш на работа и ете ги парите. Како да одиш на литургија. Доволно е да се појавиш, попот чита, пее или што веќе прави и Господ ќе те благослови со радост и среќа. Се разбира и со здравје. Онака, зашто си се појавил. Не за друго!
А, не оди баш така. Работите стојат малку поинаку, но тоа е тоа. Повторно е до мозокот. Оној што закржлавел низ годините. Атрофирал. Како мускул на нога која била во гипс шест месеци и не била употребувана.
Но, ајде да поминеме на друга тема. Читав многу коментари против најавениот закон за пушење, иако марихуаната и акциите на Тошковски малку ја потиснаа вревата. И морам да признаам, не ми е баш јасно. Една од забелешките е дека да пушиш било лично право. Да, тоа е така, како што е лично право да решиш и дали ќе се самоубиеш. Само што во тој случај, државата не треба да те лечи. Си се самоубил и готово! Ќе им исплатат на твоите тоа што им следува, ако нешто им следува (под услов да си се најавил) и готово. Тука и таму ќе те поплачат некој ден и – збогум.
Ама, ако пушиш, ти си проблем не само за себе, терај работа со твоето лично право, туку си проблем и за државата. Таа е таа што треба да те лечи. Нема лекар, од кардиолог, пулмолог, ревматолог кој не ми ги забранил цигарите. Не ги слушам, ама и не се бунам против законот: нека забранат секаде каде што може да се забрани!
Патем, државата не ти забранува да пушиш. Само ги ограничува местата каде тоа може да се прави. Само ограничува, а ти ако сакаш, терај и понатаму. Никој не те спречува. Еден од врвните светски биолози, Томас Сејфрид, кој 30 години го проучува канцерот и кој неодамна беше интервјуиран и од МИА, вели дека во САД (а и во светот), речиси се’ што е постигнато во поглед на намалување на канцерот во последните 30-тина години, се должи на тоа што стапката на пушачи е сведена на 20 отсто (во САД). Во лечењето, науката има постигнато некаков прогрес, но тоа е недоволно. Има канцери за кои нема нови лекови со години наназад. Се останато се должи на сведената стапка на пушачи на 20 отсто. Во земји како Шведска, мислам, дека е 11 отсто.
Кај нас, таа стапка е 44 отсто кај возрасните. И од 2010 до 2024 година имаме големо зголемување на бројот на заболени од рак. Што не се должи на неговото рано откривање (како, на пример, во Данска која има најголем број на ново заболени, но извонредно ниска стапка на починати), туку на тоа што сме зафатени од своевидна епидемија. А, цигароте, тука играат своја завидна улога.
Не е различно ни во поглед на бројот на починати од кардиоваскуларни болести. Чиј најголем сојузник се
токму цигарите и обезноста.
И државата е должна тука нешто да стори. За да ги заштити здравите, но и да си го заштити буџетот. Ама не, нам ни дошло до мрчење. Мое право било да пушам. Ок, терај работа, ама барем немој да гњавиш со лични права. Како и за „сејф сити“.
Ти сакаш да спречиш, да го намалиш бројот на загинати од сообраќајки, а тие ти мрчат. А, ако утре, не дај Боже, биде прегазено некое дете, пак ќе се бунтуваат. Што би рекле Србите: на килавиот, секое влакно му пречи.
Ете, тоа ти е нашиот народ. Истиот тој народ кој во петокот за шест часа, од 15 до 21 часот собра 3,1 милиони денари за лечење на малата Ана. Прекрасно, величествено. И, ајде сега, оди најди му крајот!
И на крај, за адвокатката и бивша обвинителка, Лејла Кадриу. Штета за мене што поради моја зафатеност (правев анкета дали некој решил овој месец, не дај Боже, да умре), Бетмен ме претрка и ја договори порано, но сеедно. Но, во стандардниот наш стил за мрчење, многумина сега велат – зошто молчела до сега? Не е точно. За повеќето работи таа објавувала и досега на својот ФБ профил. Сега, само имаше можност да ни долови и некои детали.
Патем, за тоа дека нема записници за предавање на прислушуваните материјали од страна на Заев и Шеќеринска, „теравме“ приказни со една колешка уште при крајот на 2015 година во тогашен „Дневник“ кој го раководев (не знам дали колешката, брилијантен ум, би сакала да и го споменам името, па затоа и не го правам тоа). И, има едно соопштение на другарица Катица, по тој повод (веројатно иницирано од наши прашања) во кое таа признава дека записник или записници за прием на прислушуваните разговори нема.
Катица, односно СЈО вели, цитирам: „…не е сочинет записник во моментот на самото предавање на материјалите…“ Ги земале онака, на слепо. Ама, велат, тоа не било незаконски. Хрватската водителка во РТЛ, Мојмира Пасторчиќ , на ова би рекла: „Молам?“ И, со поглед кој вели: „А, дали сте вие сосема нормални?“
Значи, ги зеле на слепо. И никому ништо. И, тогашнот и денешниот Совет на јавни обвинители молчи (сите обвинители од тоа СЈО, освен Катица и Кадриу, се дел и од денешното ЈО на Македонија). И тој совет бара пари од државата. Кои можеме да ги дадеме на лекарите. Или за обука на оние кои не сфаќаат дека секој во оваа држава не може да најави кога ќе умре. Да, тоа е можеби потребно во повеќето служби за да се спречат злоупотреби и да се има контрола на парите, ама тоа не може да важи за секоја служба. Има такви кои не можат да предвидат кога Панче ќе тргне во Струмица или ќе влезе во ОХИС, кога Трамп ќе влезе со војска во Гренланд, кога… И дека не е добро ако за сите во државава се форсира филозофијата „лета магарето, ама ниско“.
Втората работа е дека Уставниот суд тогаш одби да го поништи формирањето на СЈО. Со Закон кој беше неуставен. И крај. Точка! Неуставен! А одбивањето беше под политички притисок. Имаше еден тогашен министер, дебело нафатиран, кој потоа за да си го спаси украденото пропагираше излегување на референдум за името, кој и нам во весникот ни вршеше притисок во стилот: „Доста со тој Уставен и тоа СЈО!“.
Како и да е, тогашниот Уставен не го поништи бандитскиот Закон, ама тоа не го прави и денешниот состав. Не оти некој бара, ама и да побара, изговорот е дека Законот за СЈО не е веќе дел од правниот систем на РМ. Што е тотален идиотски изговор. Еве, замислете да се донесе закон со кој ќе се бара за еден месец да се истребат сите припадници на некое малцинство во Македонија. На пример – Ромите, Србите, Власите, Албанците… И што ќе се направи за еден месец, ќе се направи. И потоа законот ќе престане да важи. И според логиката на Уставниот суд, тој не ќе може да стори ништо, зашто законот веќе не е дел од правниот систем на Македонија. Глупаво, нели? Дури и за правничкиот ум во овој состав на Судот.
Точно, не може секој закон кој престанал да важи, да биде оценуван од Судот. Но, тој за СЈО, и денес предизвикува последици. Последиците од тој Закон и денес активно постојат. Не е тоа закон од некое бившо време, кој, на пример, забранува да постојат повеќе партии освен КПМ. Тој закон не предизвикува последици. Овој за СЈО – да, предизвикува, и Судот, наместо да се глупира со идеите на Кацарска за пензиите (каков изум, при гласање не помина предлогот на великата судијка од „27 април“, ама Судот и тоа не го признава), треба да се позанимава со ова. Ама кому да објаснуваш? На ногата која шест месеци била во гипс? На мозокот кој смета дека „магарето лета, ама ниско“?
И на крај, почнав со Кенеди да завршам со Кенеди. Тој вели: „Кога навечер си легнуваат Американците, не мислат за тоа дали мажот може да дои бебе, туку како да врзат од први до први“. Фала му на Господа и на минатите изборни циклуси, со Кенеди сме тука некаде. И кај нас помина времето кога во оваа држава беше поважно дали мажот може да дои. Што не е мала работа.
Колумна на Дарко ЈАНЕВСКИ објавена на неговиот Фејсбук профил