Да се биде жена е голема привилегија и голем товар истовремено. Жената во денешницата е соочена со бројни предизвици играјќи повеќе улоги истовремено. Но сепак и покрај целиот товар, жените се синоним за успешност на секое поле. Препознавањето и вреднувањето на придонесите на жените не е само прашање на правда и еднаквост, туку и суштинско за сеопфатниот развој и напредок на општествата. Зајакнувањето на капацитетите на жените, обезбедувањето еднакви можности и поттикнувањето на инклузивна средина придонесуваат за попросперитетно општество.
А вистински пример за големината на жената влечеме од сознанијата кои ги имаме од праисторијата. Постојат силни докази дека во праисторијата носители на главните улоги во општеството биле токму жените. Тоа биле матријахални општества во кој потеклото и наследството се следат преку мајчината линија, што значи дека наследството на предците, имотот и социјалниот статус често се пренесуваат преку мајчината страна на семејството. Но, човештвото поминало низ многу големи и тешки процеси и неколку пати било преобликувано од праисторијата па до 20от век. Конечно на почетокот од 1900те години припадниците на женскиот род решиле силно да се побунат против дискриминацијата барајќи да им се овозможат еднакви можности во социо-политичкиот свет. Тоа вклучувало стекнување со правото на глас за избори, право на поднесување кандидатура и можноста да бидат избрани за носители на јавни функции но и најосновното, протести ширум Европа и Америка биле организирани против полова дискриминација при вработување и исплаќање на трудот. За тоа треба да се заблагодариме сите на Тереза Малкиел, Клара Цеткин, Роза Луксембург, Кејт Данкер, Пола Тиде и останатите кои го предводеле движењето. Без чекорот кои тие го направиле, денес многу жени не би имале простор да го остварат нивниот целокупен потенцијал.
Во конктекст на одбележувањето на денешниот ден, како еден голем исчекор кон етаблирање на улогата на жените во општеството во Република Македонија, неминовно е да се потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ како свој кандидат за претседател на државата масовно ја поддржа проф. Гордана Силјановска Давкова. Професорката како голем експерт, докажана во својата дејност во земјата и надвор е голем застапник како за човековите права така и за правата на жените. Поради тоа, овој 8 Март жените во Македонија можат да бележат голем триумф, а пак на 8 мај да прослават и прва жена претседател на државата! Нека 8 мај биде втор Ден на жената во Македонија!
Останете горди и силни, предвесници на промените, не дозволувајте регресивното општество да ви наложува што треба да бидете. Вашата храброст, сочувство и придонеси го прават светот подобро место.
Со голема почит, на сите ви го честитам Осми Март – Меѓународниот ден на Жената!
Ѓорѓија Сајкоски