Прашање: Поминаа три години од Вашиот мандат, дадовте отчет на јавен настан пред граѓаните. Колку сте задоволен од она што се реализираше во изминатите три години?
Одговор: Да се биде градоначалник на една од најголемите скопски општини како што е Гази Баба за мене е голема чест дадена од граѓаните, а истовремено уште поголема е одговорноста да се реализира се она што ветено, да се решат проблемите на граѓаните, едноставно да ја вратиме надежта кај луѓето дека може да биде подобро. Имајќи ја предвид состојбата во која за превземав општината слободно можам да кажам дека сум задоволен од сработеното во изминатите три години. Што се однесува до отчетот, да онака како што ветив организирав јавен настан пред граѓаните на кој дадов отчет за сработеното во изминатите три години. Оваа година реализиравме поразличен концепт од претходните две. На јавниот настан му претходеше отворено студио во кое истакнати луѓе од општината говореа за периодот кој помина, а во вториот дел на јавниот настан извршивме презентација на реализираните проекти.
Прашање: Велите „Да ја вратиме надежта кај луѓето дека може да биде подобро“, дали успеавте во ова?
Одговор: Изминатите три години на дело докажав како се работи од срце и душа за граѓаните. Целосно се посветив на работата се откажав од многу пријатни моменти со семејството, а најчесто тоа значи да го искористам целото време од денот и од работа да заминам доцна во вечерта. Мојата основна цел кога ја прифатив номинацијата за градоначалник беше надежта кај луѓето во вистинска смисла на зборот. Кога одев низ населените места сретнував тажни луѓе со изневерени очекувања. Луѓе кои немаат вода за пиење, газат кал на улиците, немаат фекална канализација.. Денес таа слика повеќе ја нема и тука не мислам да кажам дека се е направено и дека повеќе граѓаните немаат проблеми. Секојдневно сум на терен во населените места и од средбите со луѓето може да се заклучи дека вратена е надежта кај граѓаните, гледаат дека се работи и се реализираат проекти и имаат надеж дека доаѓа денот кога ќе се реши и проблемот со кој тие се соочуваат.
Прашање: Каков е ставот на Вашето семејство за Вашата работа ако се има во предвид дека работите и за време на викенд? Од јавните настани може да се заклучи дека имате поддршка од сопругата која често и Ве придружува на настаните.
Одговор: Мојата најголема поддршка и мотив се токму тие, сопругата Хилда и нашите два ангели Марио и Матео. Често знам да се соочам со “тешките” прашања од помалиот син Матео кој сака да бидам со него на тренинзите кои ги посетува, а Марио е поголем и има повеќе разбирање околу моите обврски. Но гледам секое слободно време во текот на денот да им го посветам на нив, а посебно за викенд и на празници кога нема да имаме закажани работни активности. Што се однесува до сопругата, најголемиот дел од товарот околу грижата за обврските на нашите деца кои се ученици го носи она, а тука е и помошта која ја добиваме од моите и родителите на мојата сопруга. И јас ќе ја искористам и оваа прилика преку овој разговор да се заблагодарам на семејството за поддршката бидејќи без нивната поддршка многу од работите нема да бидат исти.
Прашање: Пред некој ден најавивте нова хуманитарна акција за помош на граѓаните, а Вие сте познат по хуманоста за што и добивте награда за хуманост во 2023 година. Кој граѓани ќе бидат опфатени со најавената хуманитарна акција и за која бројка на луѓе станува збор?
Одговор: Хуманоста е дел од мене и се тоа што го правам го правам од срце бидејќи сакам да помогнам на сите оние на кои животот им создал предизвици. Како минатите две години, така и оваа ќе ја реализираме и хуманитарната акција во пресрет на новогодишните и божиќните празници. Ќе поделиме хуманитарни пакети со храна и хигиенски средства за повеќе од 400 семејства. Ќе ги опфатиме семејствата кој се во социјален ризик, многудетните семејства, лицата со посебни потреби и сите ранливи категории на граѓани. Ова што го зборувам по однос на хуманоста не е за јас да се пофалам, туку за да мотивирам и други да го следат мојот пример. Убаво е да се помага на другиот, бидејќи не се знае што животот може да донесе и кога секој од нас ќе се најде од другата страна. Што се однесува до наградата за хуманост, можам да кажам дека имам добиено многу плакети, благодарници и награди но две ми се посебно значајни и ќе ги паметам до крајот на животот, а тоа се наградата за хуманост и признанието кое го добивме за најинклузивна општина во Република Македонија.
Прашање: Доаѓаат новогодишните празници, дали општина Гази Баба ќе ја украсите и дали подготвувате програма која ќе донесе новогодишна магија?
Одговор: Општина Гази Баба за многу скоро од денес ќе ја обвиеме во новогодишно руво, а истовремено работиме и на подготовка на повеќе активности. Исто како и минатата година на платото пред Кино Маџари ќе се оддржи повеќедневниот новогодишен базар со вкусна храна, топли пијалоци и добра музика за сите генерации, а некаде во пресрет на новогодишната ноќ ќе организираме голем музички настан на кој секое присутно детенце ќе добие новогодишно пакетче.
Прашање: Каде ќе ја поминете новогодишната ноќ и божиќните празници?
Одговор: Новогодишната ноќ ќе ја поминеме во кругот на семејството и пријателите во домашна атмосфера, а божиќните празници се најубавите во текот на годината и тие се резервирани за фамилијарниот ручек кај моите и родителите на мојата сопруга.
Прашање: Дали ја украсивте новогодишната елка во домот?
Одговор: Еден дел од викендот кој претстои ќе биде посветен на новогодишното украсување на нашиот дом. Главниот збор по ова прашање го имаат Марио и Матео. Мојата обврска во овој дел е да се погрижам за исполнување на нивните новогодишни желби кои ќе ги запишат во писмата до Дедо Мраз.
Прашање: Неколку прашања во делот на активностите во општината. Спроведовте постапка во која заедно со граѓаните го креиравте буџетот за 2025 година, а организиравте и буџетска конференција. До каде сте со подготовката на буџетот и кога очекувате истиот да биде донесен?
Одговор: Оваа година исто како и во претходните неколку години од мојот мандат буџетот на општината го креиравме заедно со граѓаните и тоа во неколку фази. Првата фаза ја реализиравме преку Урбаните и Месните заедници во која организиравме средба со раководствата, а потоа истите доставија приоритети за новиот буџет. Во втората фаза овозможивме онлајн платформа преку која сите граѓани имаат можност да ги достават своите идеи, а истовремено оддржавме и граѓански форми во населените места. Во третата фаза ја организиравме буџетската конференција на која заедно со советниците ги разгледавме сите пристигнати идеи и утврдени нацрт – програми. Најголем дел од предлозите на граѓаните го најдоа своето место во буџетот за 2025 година. Она што го очекувам е Советот да го усвои буџетот во последната недела од декември.
Прашање: Што е во фокусот на буџетот за 2025 година?
Одговор: Ако треба да донесам заклучок без двоумење ќе кажам дека и оваа година во фокусот остануваат граѓаните. Следува реализација на голем број проекти со кои ќе решиме многу проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Она што оваа година ќе го направиме за прв пат е по донесувањето ќе извршиме целосна презентација на буџетот пред граѓаните. Во буџетот нема место за непродуктивни трошоци и нема средства за репрезентација. Домаќински и одговорно се однесуваме со парите на граѓаните и од таа моја определба немам намера да отстапам.
Прашање: Крајот на разговорот ќе го заокружиме со едно прашање од кое не можеме да избегаме. 2025 година е година во која ќе се оддржат редовните локални избори. Каде ќе го видиме Бобан Стефковски во декември 2025 година? Како градоначалник на Гази Баба или како градоначалник на Скопје?
Одговор: Од сега до изборите има повеќе од 10 месеци и во тој период ќе следува реализација на многу нови проекти кои ќе донесат подобар и поквалитетен живот за граѓаните во општина Гази Баба. Ова е прашање кое во изминатиот период имав можност повеќе пати да го одговорам и ќе го кажам истото, бидејќи мојот став е непроменет. За мене како човек е чест што моето име и презиме е дел од листата на потенцијални кандидати за градоначалник на Скопје и сигурно има причина зошто е тоа така. Гази Баба е една од ретките општини која може да се нарече ”Скопје во маало” поради својата територија во која има урбан и рурален дел, а истовремено и поради својот мултиетнички карактер. ВМРО-ДПМНЕ има сериозен кадровски потенцијал и како демократска партија кандидатот ќе го избереме во една утврдена постапка во која мислењето на граѓаните изразено преку анкети ќе го има конечниот збор, оние што ме познаваат знаат дека сум човек кој е подготвен за нови предизвици. Лично јас во овој момент сум целосно посветен на реализација на проектите, а кога ќе дојде времето за изборите тука се граѓаните и тие ќе го кажат своето. Јас верувам во она што го сработевме во изминатите години и со задоволство ќе го чекам денот за оддржување на изборите.