СВР Охрид, презема интензивни контроли на целото подрачје на Охрид, Струга, Кичево и Дебар, со цел санкционирање на лица организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните.
Според Законот за заштита и благосостојба на животните, забранета е вклученост, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување и обложување на борби со животни, за какви било намени.
Во текот на октомври 2023 година, извршен е разговор со Б.А.(45) од кичевското село Зајас, поради сомнение дека организирал настан со кучиња во атарот на кичевското село Букојчани. Известен е надлежен јавен обвинител и против организаторот ќе биде поднесена соодветна пријава.
-Инаку, во СВР Охрид досега нема официјално доставена пријава за борба со кучиња, но апелираме до граѓаните доколку забележат ваква појава, да пријават во најблиската полициска станица, велат тие.