Пожарот во тетовското село Фалише е се уште активен, информираат утринава од Центарот за управување со кризи.
-Иако со значително намален обем сеуште има пламен и чад. Тетовските пожарникари гаснеа непрекинато во текот на целата ноќ и продолжуваат со гаснење. Се очекува целосно да биде изгаснат во наредните неколку часа, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Пожар избувна вчера околу 10 част и 30 минути во магацин на трговска фирма со материјали за електротехника и железарија во близина на тетовското село Фалише.
Надлежните препорачаа да се ограничи движењето во тој дел од Тетово, а граѓаните да останат дома и со затворени прозорци.
Во изјава за Курир професорот Андон Чибишев, клинички токсиколог, апелираше до институциите посериозно да го сфатат случајот и да ги заштитат граѓаните, односно да го евакуираат населението во радиус од 1.000 метри додека не се прочисти воздухот кој во моментов е за 10 пати позагаден од загадениот воздух.
-При горење на бои и лакови се ослободуваат тешки метали и чад кои можат да предизвикаат сериозни оштетувања на горни и долни дишни патишта, особено кај децата. Ако истите траат подолго можат да го иритираат централниот нервен систем, односно да дојде до многу сериозни оштетувања и трајно да се оштети мозокот. Затоа институциите треба да покажат сериозност и да го евакуираат населението до прочистување на воздухот, вели професорот Чибишев во изјава за КУРИР.
За Чибишев ова е еколошка катастрофа од големи размери.