На големо изненадување на медиумите, а и на граѓаните, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска за денеска претпладне закажа прес-конференција. Изненадувањето е присутно бидејќи Градот кој пред се треба да биде транспарентен кон скопјани, во изминатиот период докажа дека е лидер во нетранспарентност кон граѓаните и медиумите.
-Градот Скопје Ве поканува на прес-конференција што ќе се одржи на 20.08.2024 година во 11 часот во просториите на Град Скопје, во врска со исходот од денешниот состанок во Владата на Р. Македонија, стои во поканата за медиуми од Град Скопје, која беше испратена во текот на вчерашниот ден.
Главниот град се соочува со низа проблеми од комунален аспект и проблеми со јавниот превоз за кој има загриженост во пресрет на учебната година, но и покрај тоа Арсовска вчера без план се појавила на состанокот со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински, ветувајќи дека во четврток ќе го презентира пред Советот на Град Скопје. Владата пак е позагрижена од претходно.
Министерот на прес-конференција по состанокот истакна дека каменот на сопнување бил зошто не се гласале одлуките на советот, но кога ја прашале Арсовска кои одлуки, се дошло до заклучок дека станува збор за одлуки кои не влијаат на работењето на јавните претпријатија.
-Уште позагрижени сме сега, од пред да почне состанокот. Нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби за кои ние како Влада можеме да помогнеме да се реализираат. Од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно, истакна Перински.
Нагласи дека е очајна состојбата во Градот, во јавните претпријатија. Перински посочи дека се разочарани од работењето на менаџментот на „Комунална хигиена“, а пред се од работењето на Градот. Нема заклучок во која состојба е „Комунална хигиена“, со каква механизација располагаат, со колку вработени.
На состанокот се разговарало за две јавни претпријатија, ЈП „Комунална хигиена“ каде Владата смета дека проблемот е најакутен во моментов и второто претпријатие е ЈСП затоа што сметаат дека за десетина дена од сега, ќе има многу поголем проблем во јавниот превоз со почнување на учебната година.
-Како генерален заклучок се донесе дека немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје е една фаза од препреките за реализација на проектите од страна на Градот. Градоначалничката предложи до крајот на оваа недела да состави некаков план кој пред се ќе биде презентиран пред советниците во рамки на советот. Иако нашите очекувања не се големи, морам да признаам, во таа насока ќе почекаме до крајот на неделата да видиме што од нивна страна ќе биде предочено како потреби кои оваа влада може да помогне и врз основа на тие предлог заклучоци, ќе носиме заклучоци, објасни министерот за локална самоуправа кој изрази жалење за состојбите во главниот град.
Додаде дека стојат на располагање доколку од Градот сметаат дека на некој начин можат да помогнат согласно нивните законски интеренции.
-Како Влада можевме да одбереме и да не се мешаме во тековното работење на Градот, но сметаме дека како приоритет ни се скопјани и на некој начин мораме нешто да придонесеме и да се вклучиме во решавањето на нивните проблеми, посочи Перински.
Тој се надева на конструктивност и разбирање, пред се меѓу вработените во Град Скопје и во советот.
Посочи дека претходната влада нема исплаќано средства од буџетот кон ЈСП за превоз на студентите и тоа е пречката за нормално функционирање на претпријатието
-Со ребалансот оваа Влада го сервисираше долгот во делот на кредитната линија за набавка на автобуси, нагласи министерот.
Планот на Арсовска треба да се презентира во четврток на рамки на советот на Град Скопје. На средбата во Владата не се дискутирало за барањето на ЗЕЛС.