Денес заедно со мојот тим остваривме работна средба со министерот за здравство Арбен Таравари на средбата ги договоривме следните чекори кои ќе не доведат до нова ултра модерна поликлиника во Општина Бутел, информира градоначалникот Дарко Костовски.
-Носител на овој мега проект ќе биде Општина Бутел, додека министерството за здравство сериозно партнерски ќе учествува во истиот, министерот Таравари максимално го поддржи овој историски миг за граѓаните на општина Бутел. Би сакал срдечно да се заблагодарам на премиерот Христијан Мицкоски кој суштински стои зад овој мега проект, истакна тој.
Костовски посочи дека заедно со министерството за здравство формирале работна група која максимално ќе се посвети за што поскоро да ја заврши проектната документација за новата поликлиника.
-Процесот започнува со внимателно планирање и дизајнирање на новата пликлиника. Здравствените центри мора да исполнуваат строги регулаторни и безбедносни стандарди. Новата поликлиника ќе зафаќа бруто површина од околу 3000 м², ќе биде изградена на два ката и ќе има подземен паркинг. Надворешниот дел ќе се обезбеди дополнителен паркинг простор како и партерно и хортикултурно уредување. Изградбата на поликлиника е сложен и повеќеслоен процес кој бара внимателно планирање, координација и усогласеност со прописите за здравствена заштита, вели Костовски.
На граѓаните на општина Бутел ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги, со што повеќе не ќе мораат да патуваат по дваесеттина километри за да ги задоволат своите здравствени потреби.
-Деталниот урбанистички план кој го донесовме пред извесно време, маркицата за новата поликлиника ја предвидува на местото на старата амбуланта. Со градба почнуваме во првата половина на следната 2025 година, со цело срце го чекам денот кога ќе удриме камен темелник на новата поликлиника. Историски чекори за нашата Општина, напиша градоначалникот.