Царинската управа е значаен сегмент и столб за стабилноста на државата во борбата против криминалот и корупцијата, истакна премиерот Христијан Мицкоски кој денеска беше во посета на истата.
-Директорот Бобан кажа отприлика што се случуваше во месец јули, а што очекуваме да се случува јас ќе кажам. Очекуваме да се случува рекордна борба и безусловна борба со криминалот, кој што за жал се случувал во минатото многу. Сакам да кажам дека преку таа борба и резултатите со таа борба, ние практично очекуваме поголеми приливи во самиот буџет.
Преку тие приливи во буџетот, ќе можеме да одвоиме повеќе средства за капитални инвестиции и за сите реформи што ги планираме да ги работиме. Нема повеќе да биде по принципот како досега, самите овие бројки тоа го кажуваат.
Царинската управа е значаен сегмент и многу важен столб за стабилноста и борбата против криминалот, корупцијата и недозволената трговија. И затоа, ќе ја имаат мојата поддршка, но очекувам исклучително сериозни резултати. Ако некој мисли дека ќе биде како досега, сериозно се лаже. Тоа треба сите да го знаат. И тоа важи за сите службеници на Царинската управа, било да се на граничните премини, мобилните тимови или во управната зграда.
Ако мислат дека имаат право да работат надвор од законот, само затоа што се дел од овој систем, се лажат. Жестоко ќе бидат казнети. Ќе бидат фатени, изведени пред лицето на правдата и жестоко казнети. И тука нема ниту политичка, ниту етничка, ниту верска припадност. На сите треба да им биде јасно. Додека јас ја предводам владата, ова е принципот на работа. Тој ден кога јас нема да ја предводам владата, можат да работат како што мислат дека треба. Доколку на некој не му се допаѓа овој принцип, слободно може да си побара друга работа или да си бара друго чаре што би рекле наште поискусни.
Законот мора да важи за секого. И повторувам, нема политичка, етничка или верска припадност. Законот мора да важи на целата територија за секој. Секој кој ќе биде фатен, без разлика дали е од Дебар или Делчево, Куманово или Гевгелија, јас лично ви гарантирам дека ќе биде изведен пред лицето на правдата. Никој нема право да го краде народот.
Нема право никој да ја краде државата нема никој право да нанесува штета на иднината на оние кои што треба нас да не наследат. Затоа јас уште еднаш и на Бобан и на тимот но и на луѓето вработени овдека во Царинската управа им честитам за резултатите што ги постигнаа во јули иако можете да видите од бројките дека тоа не е баш така како што кажува опозицијата, но морам да кажам дека тоа не е доволно и дека очекувам уште пожестока борба со оние корумпирани сегменти, малку се тие, од прилика ги имаме лоцирано тука во Царинската управа, борба со нив се додека правдата целосно не биде задоволена.“