На три различни локации, во близина на островите Гавдос, Закинтос и на Сими денеска, вчера и во средата, во три одделни случаи, крајбрежната служба на Грција открила и спасила вкупно 177 бегалци и мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.
Во раните утрински часови биле откриени и спасени 52 мигранти кои се пренесувале со рибарски чамец на 63 наутички милји јужно од малиот остров Гавдос, што воедно е најјужната точка на Грција, а биле преземени од товарен брод што пловел во близина и безбедно пренесени на копно.
Вчера крајбрежната служба на островот Сими била известена за група во близина на залив на островот и бил откриен 51 странски државјанин од кои 15 деца, кои рекле дека на островот пристигнале со два глисери од турското крајбрежје, а за патувањето платиле по 4.500 американски долари.
Последниот случај за кој денеска информираа од крајбрежната служба на Грција е за спасувачка акција на 74 бегалци и мигранти во средата попладне во морскиот дел на 26 наутички милји западно од островот Закинтос.
Меѓу спасените 53 мажи, 12 деца и девет жени, биле и петмина криумчари кои се и уапсени.
Мигрантите тргнале од Мармарис во Турција, а платиле по 8.500 евра за по морски пат да стигнат до Италија.