Музеј посветен на српскиот олимписки шампион Новак Ѓоковиќ треба да биде сместен во „Белград на вода“, а се очекува таа идеја да му биде претставена следната недела, пренесе Бета.
Според „Вечерње новости“, кои се повикуваат на неименувани извори, државата му понудила на неговото семејство локација и сериозно се размислува за тоа.
Со тој музеј, наведува весникот, Белград ќе добие уште една атракција која ќе ја зајакне својата туристичка понуда и ќе му оддаде почит на легендарниот спортист.
За време на неодамнешната обиколка на работите за изградба на Националниот стадион, претседателот на државата, Александар Вучиќ, ја информираше јавноста за идејата за изградба на таков музеј.
Историчарката на уметност Борка Божовиќ оцени дека најавата за изградба на музеј посветен на Новак Ѓоковиќ „служи само за гласачите, кои секоја секунда се хипнотизирани со лаги и манипулации преку нивните медиуми, да се земе сега и дел од славата на Новак од Олимпијадата“.
„За Вучиќ би било подобро да работи на институции кои се уште се живи и пред колапс, бидејќи Ѓоковиќ со своите успеси и победи веќе си го создаде најголемиот музеј и трофеј“, изјави Божовиќ за „Данас“.
„Оваа влада нема апсолутно никаква врска со неговите победи и слава и сака да ги заведува луѓето и да манипулира и користи на секој начин“, посочи Божовиќ. (МИА)