Регион Грција

„Катимерини“: Атина во состојба на зголемена готовност поради ситуацијата на Блискиот Исток

Аеродромот во Атина, како и воздухопловната база Суда се точките каде што авионите (цивилни или воени) што ќе ги користат овие земји, можат да бидат стационирани, како што беше случај во октомври и ноември 2023 година, по масакрите во јужен Израел и почетокот на операциите во Газа, пишува „Катимерини“.

„Катимерини“: Атина во состојба на зголемена готовност поради ситуацијата на Блискиот Исток

Во состојба на зголемена готовност се наоѓа Атина со цел да реагира во случај на разгорување што би влијаело врз Либан. Атина и Никозија се во координација за евентуална евакуација, пред сè, граѓаните на Грција или на Република Кипар и доколку е потребно и на трети земји, главно од ЕУ, пишува грчкиот весник „Катимерини“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во случај да биде побарана помош од Грција за евакуации, првото решение, според „Катимерини“ е грчката фрегата „Кунтуриотис“, која моментално плови покрај брегот на Либан како дел од постојаната мисија на поморските сили под покровителство на ОН, но доколку е потребно, постои можност да се испратат и други воени (или изнајмени) бродови, како и воздушни средства.

– Земји кои сакаат да ги вратат своите граѓани од Либан и поширокиот регион, како што се САД, Канада, Франција и Германија, очигледно имаат свои супериорни средства и квалитет, доколку бидат потребни дополнителни операции за оваа цел. Сепак, Атина е во директен контакт со сите партнери, особено со Отава, бидејќи многу голем број граѓани со канадски пасоши живеат во Либан. Аеродромот во Атина, како и воздухопловната база Суда се точките каде што авионите (цивилни или воени) што ќе ги користат овие земји, можат да бидат стационирани, како што беше случај во октомври и ноември 2023 година, по масакрите во јужен Израел и почетокот на операциите во Газа, пишува „Катимерини“.

Весникот анализира дека Грција и Кипар се во координација со партнерите и за да се постигне максимална заштита на островот со оглед на тоа дека се наоѓа во непосредна близина и е во опасност од проектили „вон контрола“, а причината „не се заканите на Хезболах, туку интензивната електронска војна на поширокото подрачје на израелско-либанската копнена и поморска граница, што може да доведе до пренасочување на текот на проектил кој може да заврши во блиските области“. (МИА)

To top