Свет ФСБ и ЦИА

Размена на затвореници меѓу Русија и САД: Красиков – специјален агент на ФСБ, се врати во Москва

Никому не беше лесно да донесе одлука за депортација на убиец осуден на доживотен затвор по само неколку години затвор, изјави Шолц, кој го прекина својот летен одмор за да ги поздрави некои од ослободените затвореници при нивното пристигнување на аеродромот во Келн.

Размена на затвореници меѓу Русија и САД: Красиков – специјален агент на ФСБ, се врати во Москва

Кремљ потврди дека Вадим Красиков, платен убиец кој се врати во Русија преку размена на затвореници, бил вработен во ФСБ и дел од специјалните сили „Алфа“ на руската безбедносна агенција. Красиков беше осуден од германски суд за убиство на поранешен чеченски милитант во 2019 година, извршено во берлински парк.

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа го прегрна Красиков при враќањето во Москва. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека размената на затвореници била договорена меѓу ФСБ и американската ЦИА.

Германските власти велат дека ослободувањето на Красиков било тешка одлука поради дрското убиство кое беше извршено среде бел ден, блиску до парламентот и канцеларијата на тогашната канцеларка Ангела Меркел.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека одлуката била донесена поради интересот за ослободување на невини луѓе затворени во Русија.

– Никому не беше лесно да донесе одлука за депортација на убиец осуден на доживотен затвор по само неколку години затвор, изјави Шолц, кој го прекина својот летен одмор за да ги поздрави некои од ослободените затвореници при нивното пристигнување на аеродромот во Келн.

– Интересот на државата за извршување на затворската казна мораше да се измери во однос на слободата на невини луѓе затворени во Русија и оние кои неправедно се затворени од политички причини, додаде Шолц.

Пред вчерашната размена, некои германски функционери изразија страв дека таквиот договор ќе ја охрабри Русија да зема германски граѓани како заложници во надеж за добивање возвратни услуги. Службениците на ЦИА на крајот на јуни одржале тајна средба со руските разузнавачки служби во непознат град на Блискиот Исток за да преговараат за размена на затвореници. Овојпат ЦИА имала добра понуда – Вадим Красиков, Русинот кој среде бел ден убил човек во Берлин и кој служел доживотна казна во германски затвор. ЦИА со месеци ги наговорала германските службеници да го ослободат Красиков, за кого се верува дека има блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин. Русите предложиле размена на Красиков за двајца Американци затворени во Русија под неосновани обвинувања за шпионажа: поранешниот американски маринец Пол Велан и новинарот на Волстрит Журнал Иван Гершкович.

Руските службеници го пренеле предлогот на властите во Москва и на почетокот на јули руската страна кажала дека начелно се согласува на договорот. Москва на 17 јули официјално ги прифати условите за размена. За да се реализира историската размена, Бајден требаше да го убеди германскиот канцелар Олаф Шолц да го пушти Красиков, што не било лесна задача. Администрацијата на Бајден со години барала начин да го ослободи Велан. Американските разузнавачи се сретнале со руските во јануари 2023 година и дале предлог: двајца руски државјани затворени во Словенија во замена за Велан.

Русија ја одби понудата. Во март 2023 година во Русија беше уапсен Гершкович и сега Русите бараа поголем улог од западната страна. Администрацијата на Бајден веќе го размени осудениот руски трговец со оружје Виктор Бут за ослободување на кошаркарката Бритни Грајнер и повеќе немаше во притвор руски шпиони од висок профил, пишува Си-Ен-Ен.

Службениците затоа почнаа да пребаруваат низ светската сцена и започнаа „тивка дипломатија“. Во ноември истата година ЦИА и даде на Москва нова понуда – четворица руски заробеници кои ги држат Норвешка, Полска и Словенија во замена за Велан и Гершкович. Кога Русија и таа понуда ја одби, на Американците им стана јасно дека Путин го сака Красиков. Прво, американскиот државен секретар Ентони Блинкен на состанокот на Г7 во април 2023 година и ја изнесе идејата на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за ослободување на Красиков.

Потоа Бајден во јануари го покрена ова прашање со Шолц, а потоа и во февруари за време на состанокот во Овалната канцеларија. Извори наведуваат дека Шолц за време на состанокот во Овалната канцеларија му рекол на Бајден: „Ќе го направам тоа за тебе.“

Но, наскоро следуваше шок. На 16 февруари 2024 година во руски затвор почина Навални, кој САД го планираше да го вклучи во размената. Американските службеници наведуваат дека тогаш „сè застана“ и дека завладеало песимистичко расположение за размената. Веста за смртта на Навални беше објавена за време на отворањето на безбедносната конференција во Германија, на која учествуваше и американската потпретседателка Камала Харис. Потпретседателката на приватна средба со Шолц извршила дополнителен притисок за ослободување на Красиков. Германија конечно на почетокот на јуни се согласи да го пушти рускиот убиец.

Но, САД не преговарале само со Германија. Харис уште во Минхен побарала состанок со словенечкиот премиер Роберт Голоб за да го поттикне да ја забрза размената, односно ослободување на двајцата руски државјани кои се наоѓале во словенечки притвор. Во службениот извештај од тој состанок се разбира не се споменуваат разговорите за размена на затвореници. На словенечките власти притисок вршел и самиот Бајден. Претседателот пред отприлика две недели го повикал словенечкиот премиер и инсистирал на завршување на договорот.

Најнови вести од Свет

To top