Македонија Илинден

Мицкоски за прашањето со Бугарија: Сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство

Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица во кој ќе се слуша и нашиот глас. И верувам во решенија диктирани од разумот, а не од силата, рече премиерот.

Мицкоски за прашањето со Бугарија: Сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство

Направени се големи национални предавства. Но, ќе се носиме достоинствено со овие проблеми и ќе градиме принципиелни односи помеѓу рамноправни партнери, а не помеѓу господари и поданици.

Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во својот илинденски говор.

-И колку и пати да ме прашаат и во колку и форми да се постави прашањето за Бугарија, одговорот секогаш ќе биде единствен. Ние сме за достоинствено решение и сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство. Воедно, неспорна е нашата заложба за членство во Европската Унија, исто како што е неспорен и нашиот ангажман во исполнување на критериумите. И ова го правиме не за да угодиме на некој однадвор туку да си помогнеме себеси одвнатре. Но воедно неодминлива е и забелешката дека овој процес трае предолго, со премногу препреки, сопки и барања кои не секогаш се разумни, а многу повеќе политички. Ние ќе водиме дијалог, но со блага горчина ќе се присетиме дека држави кои направија многу помалку од нас, но и без политички сопки на тој план сега се рамноправни членки на европското семејство. Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица во кој ќе се слуша и нашиот глас. И верувам во решенија диктирани од разумот, а не од силата, рече премиерот.

Мицкоски посочи дека верува во решенија кои ќе создаваат и носат иднина, наместо живот во минатото.

-Она што ме загрижува доколку се погледне големата слика е што постојат елементи и субјекти во општеството кои континуирано на маса ставаат барања кои создаваат конфликти и го напаѓаат единството. Во таа смила неодминливо е чуството дека не се сите субјекти и политички чинители подеднакво посветени на  нашата заедничка татковина. Односно во наративите тие секогаш ќе ја почитуваат, но со делата и барањата кои ги ставаат на маса тие го прават токму спротивното. И затоа претходно ви говорев за единството врз кое се градеше Крушевскиот манифест кој денес се помалку го имаме, а е идеал за кој вреди секоја борба денес и затоа борбата мора да трае. И ова е политичкиот фолклор, иако во самата суштина мотивите за ваквото однесување кон татковината се како да е туѓа, се наоѓаат во личните интереси и лукративните цели кои ги имаат. Смислуваат барања за да дојдат до власт која за нив значи привилегии, пари, трговски центри, империи, згради, имоти, удобства стекнати на грбот на народот. И тоа тука го плаќаат сите заедно Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите и Ромите и Бошњаците и сеите граѓани. И кога така се расфлаат со барања со кои удираат по државата, треба да се свесни дека и јас како лидер можам и во суштина да имам барања кои лесно може да се извадат на маса, но дали тоа ќе ги реши суштинските и вистинските проблеми на граѓаните? Дали тоа ќе донесе доверба едни кон други и дали тоа ќе обезбеди иднина за сите нас? А сите сме под едно исто небо и делиме една заедничка судбина. Суштината не се политичките барања што може да се измислат, туку напорот да го направиме животот на граѓаните подобар. Не е поважно какво слово ќе има на парче хартија, од тоа каков живот има во реалноста. Не е поважно од тоа каков закон ќе има од тоа дали Липково, Желино, Тетово или Делчево има вода за пиење. И Македонците, и Албанците, И Турците, и Ромите, и Србите, и Власите, и Бошњаците се вистински уморни од злоупотребата на нивните позиции и фактот што политички елити градат кариери на нивниот грб додека сите заедно делиме една иста судбина, истакна Мицкоски.

Најнови вести од Македонија

To top