Денес е светол ден за Македонија. Го празнуваме херојското дело и подвикот на илјадници кои славната 1903-та година кренале востание, кое не е само востание за слобода, туку и востание на слободарскиот дух, борба за правдини, верба во вредности и надеж да се победи по векови ропство, падови, тежок живот и бројни жртви.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во својот илинденски говор.
-Имаме долг, кон историјата, но и пред себе, како луѓе да покажеме достојна почит и со сериозно достоинство и поклон да се однесуваме кон делото и херојството на овие луѓе. Треба секој од нас овде, и насекаде низ светот, да знае дека хероите на оваа земја беа скромни и пркосни луѓе кои со своите животи ја плаќаа слободата која денес ја имаме и живееме. Секое парче земја по која денес се движиме е натопено со крвта на илинденците, со маката и жртвата на илјадници пред тоа, што само дава одговор дека нашата борба има континуитет, таа траела и опстојувала, дека хероите на оваа земја се сите оние кои на свои плеќи со своја жртва ја плаќаа скапата цена на слободата која ја имаме денес, рече тој.
Мицкоски посочи дека мора да се признае и почитува визионерството на таа илинденска генерација херои.
-Во тоа време во Европа монархиите го имаат главниот замав и полниот сјај, а овде среде лутиот Балкан, во поробена Македонија, во малото и славно Крушево се раѓа Републиката чии темели се потпираат врз идејата за демократија, народно владеење и целосно почитување на човековите права. Со што само се потврдува визионерството на хероите, но и фактот дека секогаш во кодот на нашиот народ била почита на народната волја, колективните права и достоинството на поединецот. Многу сум горд на мојот народ што никогаш не посегнавме по туѓо, никогаш не посакавме нешто што не е наше, и секогаш дававме почит кон сите останати. Овде од овие шуми и падини не се сведочи само за громогрласното ехо на комитите кои во овие часови пред точно 121 година, извикуваа УРА, туку и за нивната посветеност и неспорна грижа за својот народ и огромната жртва која ја дадоа. Како и неспорното дело на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација ВМРО која беше мајката на македонската борба за слобода. И кога некој ќе се обиде да збори за нашето слободарско дело како земја или ќе праша каде се хероите на оваа земја или ќе говори за слобода или посега по нејзе нека се потсети на фактот што дел од луѓето на четите на славните војводи Никола Карев и Питу Гули беа и со ненавршени 19, и 20 години, со огромна енергија и жар ги положуваа животите водени со мисла, идеја, верба и надеж за слобода каква имаме денес и иднина за која се бориме и денес. Тие го даваа најскапото, за нашата иднина, порача премиерот.
„Нивната храброст, нивната непокорливост и нивната жртва се неповратно вткаени во нашиот колективен македонски идентитет. Со Крушевската република тие ни оставија наследство на борба и надеж – наследство кое денес гордо го носиме и го чуваме како најголема светост“ – истакна тој.
-Денес, додека ја чествуваме оваа величествена историја се потсетуваме на зборовите на нашиот голем револуционер Гоце Делчев кој рекол: „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех! Јас сакам револуција со кадарни граѓани подготвени да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба…“. Овие зборови се ехото на нашиот слоган „Борбата трае“ – потсетувајќи нѐ дека борбата за слобода, правда и за подобра иднина бара истрајност, храброст и единство. Илинден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина. Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес. Во време на глобални предизвици, нашата борба за зачувување на националниот идентитет и суверенитет е посилна од било кога. Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата култура, за нашата слобода. Од нив треба да научиме како се добиваат големите победи, бидејќи битка може да изгубите, но важно е да победите во својата конечна цел. Истрајност, внимателност и пред се добар план да се дојде до вистинската цел. Тоа е стратегијата што треба и ние да ја користиме, да бидеме гласни во нашите ставови, да имаме план и да бидеме истрајни, рече тој.
Мицкоски порача дека борбата не е завршена и дека борбата продолжува.