Во работна посета на командата на Воздухопловниот ВИНГ во Касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец беше денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со заменик началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и началникот на штаб на Командата за операции, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски.
За време на посетата оствари средба со командантот на Командата на Воздухопловниот ВИНГ, полковникот Игорчо Стоименовски и со останатите командири на единиците во состав, на која беше брифиран за состојбите и оперативните можности и капацитети на оваа Команда.
Мисајловски се заблагодари на пилотите и целиот персонал на оваа команда за придонесот при гаснењето на пожарите во нашата држава и им порача дека активно ќе работи заедно со сите чинители од оваа команда и со Генералштабот да се надминат предизвиците со кои се соочува оваа клучна единица на Армијата.