И како што во 2023 година, кога се одржаа последните национални избори, земјата беше подобра од 2019 година, така и во 2027 година, кога повторно ќе одиме на гласање, ќе биде многу подобра од денес, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на специјалната седница во Парламентот по повод 50-годишнината од обновувањето на демократијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис се осврна на предизвиците со кои се соочија како Влада, но и на идните и посочи дека „сложената сегашност нè повикува, истовремено, да ги затвораме сметките со минатото, но и да се соочиме со големите предизвици на иднината“.
– Конечно да постигнеме брзо спроведување на правдата, да ги намалиме социјалните нееднаквости, да воведеме законитост насекаде, на стадионите, на плажите, во училиштата, во населбите, со надградени болници, со бесплатни превентивни прегледи за сите, рече Мицотакис.
Тој истакна дека ерата што пристигнува „треба да биде ера на научени лекции, но и на смели скокови“.
Паралелно се осврна и на извештајот на Европската комисија за владеење на правото, „објавен денеска, на 50-годишнината од обновувањето на демократијата и овој извештај ја рангира Грција меѓу деветте земји од 27, со најмалку препораки“. (МИА)