Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Ниш изјави дека аеродромот во овој град ќе има карго сообраќај и субвенции за „лоу кост“ летови и дека новата фабрика Аристон ќе има извоз во вредност од 240 милиони евра, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ на отварањето на новата терминалан зграда на аеродромот Константин Велики во Ниш изјави дека „Ер Србија“ на овој аеродром ќе му даде специјални субвенции за „нискобуџетни“ летови, а целта на државата е да го развие товарниот сообраќај на него.
-Се надевам дека следната година ќе можеме да идеме на повеќе од 500.000 патници. Затоа ќе донесеме „low cost“ компании…Она што ќе донесе најголем приход на овој аеродром е карго, и затоа мораме да инвестираме, но ова може да биде само кога имате фабрики во Ниш и модел кој е самоодржлив, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Ниш наскоро ќе има нова железничка станица, модерни возови до Белград, а потоа и до Скопје и Солун.
Пред тоа, српскиот претседател во Ниш беше на отпочнување на работите на новата фабрика за грејни тела Аристон, која ќе има извоз од 240 милини евра.
-Тоа е една убава инвестиција, тука ќе се произведуваат пумпи за греење, инвестиција од 75 милиони евра, но која ќе донесе многу повеќе за Ниш. Овде во северната зона, која се наоѓа на прекрасно место, од каде се гледаат автопатиштата кон Белград, Димитровград, Софија, Скопје и Солун, до Приштина и Тирана, идеално место за инвестирање, рече тој.
Амбасадорот на Италија во Србија, Лука Гори, изјави дека изградбата на новата фабрика на италијанската компанија Аристон треба да се гледа во светло на билатералните односи меѓу Србија и Италија, наведувајќи дека многу е инвестирано во односите меѓу Србија и Италија, и во политички и во економски смисол.
-Вложуваме многу во односите меѓу Србија и Италија, пред сè во однос на политичкиот дијалог. Пред неколку дена, претседателот Вучиќ разговараше со премиерката Мелони и тие се договорија да одржат билатерален самит до крајот на годината, што ќе биде важен настан за обновување на нашето стратешко партнерство, рече Гори.
Тој потсети дека досега се организирани три економски форуми меѓу Србија и Италија, наведувајќи дека Србија е единствената земја со која Италија има три бизнис форуми за една и пол година, наведувајќи дека тоа зборува за односот што го негуваат со Белград.