Пред точно шест години, на 23 јули 2018 година, Грција се соочи со еден од најкатастрофалните пожари во поновата историја, приморското место Мати, во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, веќе е синоним на трагедијата во која животот го загубија 102 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Шест години подоцна, семејствата на жртвите сè уште бараат одговорности и одговори, судскиот процес заврши, голем дел од обвинетите беа ослободени, а осудените добија минимални казни, па затоа со поднесена жалба од обвинител, судењето започна одново на втор степен и е во тек.
Огнените јазици беа толку големи до степен што добиваш изгореници од зрачењето, без да имаш физички контакт; го зедов детето, го завиткав во пешкир и инстиктивно почнав да трчам кон плажата, сопругата остана зад мене, за жал не успеа да стигне до морето; никој не нè предупреди, никој не се обиде да нè евакуира. Влеговме во море, останавме таму околу два-два и пол часа и нè спаси рибарски чамец; во обид да избегаат од кампот што гореше, на 15-20 метри од излезот ги пронајдовме моите родители изгорени и прегрнати, се само дел од сведоштвата за МИА, пред шест години, на дел од преживеаните од катастрофалните пожари.
Животот го загубија над 100 лица, а меѓу нив повеќе од 40 изгореа живи откако не успеаја да најдат излез за да стигнат до морето, бидејќи буквално се заглавија во тесните улички пеш или во обид со нивните автомобили да им побегнат на огнените јазици, а голем дел од граѓаните спасот го бараа во морето.
Се спасија од пожарот, но се задушија од чадот или се удавија чекајќи помош.
Од загинатите, некои изгореа живи, некои се задушија од чадот, други се удавија во морето, сите барајќи спас од огнената стихија што со огромна брзина се ширеше и „голташе“ се пред себе.
Некои ги загубија родителите, некои децата, некои сопрузите, но се загубија и цели семејства.
Најмладата жртва имаше шест месеци, а најстарата 93 години, меѓу загинатите беа и странски државјани дојдени на одмор.
Со повреди и изгореници беа хоспитализирани најмалку 180 лица.
Станува збор за еден од најкатастрофалните пожари во современата грчка историја, но и вториот пожар во светот во 21 век со најголем број жртви.
23 јули 2018 година – И додека вниманието на јавноста е насочено кон големиот пожар во областа Кинета во западниот дел на Атика, поширокиот регион на Атина, а силниот ветер дополнително ја отежнува ситуацијата, стигнува информација дека на спротивната страна, во источниот дел, во близина на планината Пендели постои нов пожар со големо жариште што исто така брзо се шири и со интензитетот многу поголем од очекуваното.
Со ненадејно променетата насока поради силниот ветер, огнените јазици за миг стигнуваат до приморските населби Нео Вуѕа, Мати и Кокино лиманаки во областа Рафина.
Од попладневните часови до доцна во ноќта ситуацијата е хаотична, без официјални информации, со луѓе во очај кои се јавуваат во медиумите и бараат помош, велејќи дека тоа е нивната последна надеж да не изгорат живи.
Граѓани кои се собрани на плажа и во море и чекаат помош, но и граѓани кои пливаат. Пливаат за да стигнат до безбедно копно, далеку од чадот и пожарот.
Во близина е Рафина, местото во кое се наоѓа едно од трите големи атински пристаништа, па траекти кои од островите се враќаа во Атина спасуваа луѓе од морето, а на помош излегоа и рибари со рибарски чамци.
Доцна во ноќта, во новинарските кругови веќе стигнуваат првите трагични информации, се споменуваат жртви, изгорени автомобили заглавени во тесните улички, изгорени куќи, но без официјална потврда се до три часот по полноќ кога тогашниот владин портпарол Димитрис Ѕанакопулос рече дека „Атика се соочува со многу тешка ноќ“ и соопшти дека загинати се над 20, а повредени над 100 лица.
Пожарот беше ставен под контрола, но веќе беа загубени десетици човечки животи, а Грција се најде пред голема трагедија.
Бројката на загинати континуирано се зголемуваше, денот по пожарот беше уште потрагичен, особено со веста што ја шокираше јавноста дека на плац, во обид да најдат излез до морето живи изгореле 26 лица, а јагленосаните тела ги пронајдоа спасувачките екипи.
Исто толку тешки беа и деновите што следеа. Се пребројуваа жртвите, се бараа исчезнати, се идентификуваа телата на загинатите, се вршеа потраги по копно и море, преживеаните сведочеа за трагедијата.
Тогаш, дел од нив, во разговор за МИА и за грчките медиуми ги раскажаа нивните трагични судбини, еден ја загубил сопругата, друг родителите, трет неговиот син, пожарникар додека бил на должност го загубил 6 месечното бебе, а татко преку медиумите го бараше неговиот 13 годишен син, кој подоцна се најде на листата загинати.
На крајот од јули 2018 година, катастрофалниот пожар во близина на Атина беше главна тема, не само во грчките, туку и во сите светски медиуми, а повеќе земји, меѓу кои и Северна Македонија испратија помош за Грција.
Судскиот процес траеше долго, а на крајот на април годинава, шест од 21 осомничени беа прогласени за виновни.
Меѓу осудените се тогашниот началник на противпожарната служба, неговиот заменик, како и други функционери од службата кои биле на клучни позиции, им беше одредена петгодишна затворска казна што можат да ја откупат за околу 40.000 евра, а меѓу оние кои беа ослободени беа тогашниот генерален секретар за цивилна заштита, префектот на периферијата Атика, како и градоначалниците на општините зафатени од пожарот.
Соопштувањето на пресудата тогаш предизвика негативни реакции и тензии кај граѓаните што се наоѓаа во судницата, меѓу кои и голем дел роднини на жртвите, кои коментираа и извикуваа „срамота“.
Пред две седмици, по поднесената жалба од обвинителот за првостепената пресуда на одново почнува судењето за сите осомничени, а пред тричлениот Апелациски суд прекршоци во Атина одново ќе се разгледаат ослободителни пресуди за 15 обвинети како и висината на казните за петмина осудени.
Процесот на втор степен е во тек.