Снабдувањето со електрична енергија во оние делови од Скопје кои повеќе од 10 часа немаат струја, се очекува да се нормализира за околу еден час, велат од ЕВН Македонија за МИА.
Оттаму посочуваат дека во тек е постапка за пуштање под напон на корисниците кои немаат струја.
– Екипите на Електродистрибуција и МЕПСО напорно работеа цела ноќ за да го поправат дефектот кој настана како резултат на вчерашното силно невреме кое го зафати Скопје. Во тек е постапка за пуштање под напон на корисниците кои се засегнати од прекинот, а снабдувањето се очекува да се нормализира за околу еден час, велат од ЕВН Македонија.
По вчерашното краткотрајно невреме во Скопје, делови од градот повеќе од 10 часа останаа без струја.
Според информациите објавени синоќа причина за прекинот во снабдувањето со електрична енергија биле два 110-киловолтни далекуводи кои ги снабдуваат трафостаниците „Аеродром“ и „Исток“.
Краткотрајното невреме што синоќа зафати делови од главниот град предизвика повеќе штети – паднати дрвја, оштетени автомобили, кровови, поплавени домови….