Пред почетокот на новата сезона ситуацијата воопшто не е светла. Во моментов на списокот на повредени има четворица играчи кои според „Трансфермаркт“ вредат вкупно 310 милиони евра.
Играчот од средниот ред и според гласањето за „Златната топка“, најдобриот млад играч на светот за 2022 година, Гави, е повреден од ноември минатата година, а на целосни тренинзи треба да им се врати во август. Френки Де Јонг го прескокна ЕВРО-то, но се очекува тнаскоро да почне со тренинзи.
Две големи меѓународни натпреварувања одиграни летово донесоа нови проблеми и две нови повреди за Барселона.
Најпрвин Педри се повреди при победата на Шпанија од 2:1 во четвртфиналето на ЕП против домаќинот Германија. Помалку од 24 часа подоцна, стоперот Роналд Араухо заработи повреда на тетивата при победата на Уругвај против Бразил во четвртфиналето на Копа Америка во пенал рулетот и ќе паузира до октомври.
Тоа е голема мака за Барса, но барем ФИФА ќе им обезбеди парична отштета за тоа, бидејќи се повредија во натпреварувањата под нивна надлежност.
Максималниот надомест може да достигне 20.548 евра дневно. Очекуваната отштета, со оглед на времетраењето на повредите, е 2,5 милиони евра за Араухо и 700.000 евра за Педри.