Пожарот на планината Серта од рано утринава се гаси од земја и воздух. Ангажирани се стотина припадници на Армијата, припадници на Министерството за внатрешни работи, ловџии, шумски работници. Интервенираат и полициски хеликоптер и два армиски хеликоптери.
– Тука сме кавадаречки и неготински пожарникари, ловџии, припадници на МВР, летаат дронови проверуваат терен, дојде помош и од страна, пристигна едно возило од Пехчево, од подружницата на ,,Национални шуми” од Демир Капија. Вообичаено, при вакви пожари, распалувањето на огнот е со покачување на температурата во воздухот, околу пладне, велат пожарникари од терен во изјава за МИА.
Пожарот избувна во средата околу 10.30 часот, а синоќа Кризниот штаб од Неготино побара прогласување на кризна состојба по што Владата донесе одлука.