Холивудскиот актер Дани Трехо (80), по потекло од Мексико, на 4 јули, на парадата за Денот на независноста на Америка, физички нападнал маж кој кон него фрлил со воден балон.
Ѕвездата на филмовите „Machete“ и „Spy Kids“ збесна на парадата за Денот на независноста во Лос Анџелес, каде што гостуваше.
Трехо се движел по патеката на парадата во кабриолет кога бил удрен од воден балон, што го натерало да излезе од возилото за да се соочи со човекот.
Очевидци раскажаа како некој фрлил воден балон кон Трехо за време на фотографирањето. На снимката потоа се гледа како тој оди до маж во толпата и го удира со тупаници. Човекот возвратил, поради што актерот се сопнал и паднал.
Набрзо избила поголема тепачка во толпата, при што Трехо грабнал столче на преклопување и го фрлил во хаосот. Очевидци за Фокс изјавиле дека насекаде имало крв.
На видеото се гледа и како Трехо се расправа со жена која, се чини, се обидела да го задржи. Кога пристигнала полицијата, тепачката веќе била прекината. Никој не е приведен, пренесува Индипендент.
Трехо по инцидентот за TMZ изјави дека продавачот на водени балони бил кукавица кој се однесувал детски кога фрлил балон на неговиот автомобил. Тој рече и дека при тепачката нема повредени.