Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски ги подели решенијата за субвенционирање на граѓаните на општина Гази Баба за набавка на инвертер клима уреди и вградување на уреди за течен нафтен гас во возилата.
Интересот на граѓаните за субвенциите кои ги реализира општината од година во година се зголемува, а изминатите две и половина години од буџетот на општина Гази Баба преку субвенциите кон граѓаните се вратени повеќе од 15 милиони денари.
За настанот со објава на својата официјална страна информираше градоначалниот Стефковски кој напиша:
Задоволни граѓани, среќна општина
Денес имав можност да ги доделам решенијата за субвенционирање на граѓаните кои извршиле набавка на инвертер клима уред и оние граѓани кои вградиле уред за течен нафтен гас во своите возила.
Изминатите две и половина години од мојот мандат од општинскиот буџет преку субвенции кон граѓаните се вратени повеќе од 15.000.000 денари.
Ова се одлични мерки за директна финансиска помош на граѓаните и истите ќе продолжиме да ги реализираме и во иднина.
Од првиот ден на мојот мандат кажав дека парите од буџетот им припаѓаат на граѓаните и место за непродуктивни трошоци нема да има.
За мене нема ручеци на сметка на општината, репрезентација и службено возило бидејќи мојата цел не се личните привилегии кои ги нуди функцијата, туку одговорноста за реализацијата на проекти за моите сограѓани! – напиша Стефковски.