Ние не сме воопшто финансиско-буџетско оптоварување за ЕУ. Ние сме биле отсекогаш географски, историски и културно дел од ЕУ, сме докажале дека сме кооперативни, дури и водиме европска надворешна и безбедносна политика. Ако некој мисли дека во моментот кога ќе ги запишеме Бугарите во Преамбулата, готово, ќе тргне процесот, мислам дека е тоа повторно илузија, рече вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Во гостувањето на „Само интервју“, Сиљановска Давкова напомена дека преговарачката рамка е правен факт, но може, оцени, на добра волја да се договори дека Бугарија нема да го употребува ветото за тоа што со Преспанскиот договор е веќе забрането – историја, култура, наследство…
Прашана дали планира посета на Брисел за почеток на преговорите, претседателката рече дека „се видела со речиси сите луѓе кои се сега на функции таму и тоа и дава надеж дека ќе има некаков континуитет во расположението за проширувањето“.
– Не можам да тврдам дали ќе ги убедам, но јас имам обврска како претседателка да ги бранам државните и национални интереси и да се обидам да ги убедам. Јас имам проблем со оние кои не се обиделе ништо да предочат од ова што го зборувам и сега повторно веруваат дека уште ова, уште да го смениме Уставот и проблемот ќе го решат, изјави Сиљановска Давкова.
Прашана кога ќе се создадат услови да се репреговараат условите за членство во ЕУ, Сиљановска Давкова, рече дека преговарачката рамка е точно правен факт, но дека и во ЕУ се развила широка дебата за деблокирањето на проширувањето, и се појавиле „нон-пејпер“ и студии како да се ограничи употребата на ветото заради ова што се случува.
– Нема да запре ветото на нас, тоа бидете сигурни и тогаш целиот процес ќе биде загрозен на проширување, а нели недовршена симфонија е ЕУ без Западен Балкан и ние сме Ахилова пета. Зборот ми е, не случајно се сите овие расправии и предлозите се, само на почетокот да има вето или на крајот, или на почетокот и крајот, во меѓувреме да не може да се употреби ветото. Да ве потсетам на нашиот предлог, дека ние велевме дека и досега сме имале одложена примена на некои одредби, може и тоа да се договори. Може на добра волја да се договори дека Бугарија нема да го употребува ветото за тоа што е со Преспанскиот договор забрането, за историја, за култура, за наследство. Ако некој мисли дека во моментот кога ние ќе ги запишеме Бугарите во Преамбулата на Уставот, готово ќе тргне процесот, тогаш мислам дека е тоа повторно една илузија. Ако ние сме поминале низ една тешка одисеја на промена на име, на неуспешен референдум, на пратеници кои на многу чуден начин гласаа. Сето тоа треба да се има предвид за да се убеди… Значи сите страни треба да бидат на потег. Значи може одложено дејство, може толкување, да почнеме ние преговори да не става Бугарија вето за да изградиме пријателски односи, ние ќе брзаме во исполнувањето на Копенхагенските критериуми, Бугарија ќе покажува добра волја, нема да не кочи и така ќе се сретнеме побрзо. Ем, ќе стапат во сила измените, ем ние ќе бидеме пријатели, изјави Сиљановска Давкова.
За тоа како европските избори, залетот на крајната десница во Франција може да го загрози процесот на проширување, Сиљановска Давкова посочи дека ЕУ ќе мора да се бори за демократијата, бидејќи крајната десница е евроскептична и нема разбирање за проширувањето.
-Сега вие внатре ги имате во ЕУ оние кои ја негираат дури и идејата за ЕУ, а ние сме посветени на Европјани. Тоа е првото. Второто, резултатите бидејќи порасна малку излезноста, ама апстиненцијата е крајно висока, тоа е јасно. Знаете колку малку граѓани излегуаат на гласање за Европскиот парламент. Што зборува за тоа, дека треба да размислиме и за односите внатре, меѓу Европскиот парламент, Комисијата и Советот. Не само јас, низа луѓе кои се бават со оваа материја сметаат дека за да има демократија треба ЕП да биде нешто како долен дом, а ЕК нешто како влада, а Советот да биде горен дом. Доколку клучниот збор како и досега за проширувањето и на почетокот и на крајот го има Советот, каде седат пратеседатели и премиери, тогаш тоа не е заедница заснована на темелни вредности и принципи. Треба да размислиме и навистина, проблематизирањето на ветото и барањето се поголема примена или да се демензионира примената на двотретинско мнозинство во процесот на проширувањето зборувам за еден одговорен однос на ЕУ. Мислам дека е време на еден исчекор и во поглед на проширувањето и тогаш ќе биде полесно, изјави Сиљановска Давкова.