Два папагали од видот Макао со пресечени крила се наоѓале на плажа во Пефкохори на Халкидики со цел туристи да се сликаат со нив, а по спроведена акција, сопственикот бил казнет со 20.000 евра, а папагалите одземени, јави дописничката на МИА од Атина.
Веста ја објави на социјалните мрежи групата волонтери за спасување и заштита на животни „Animal Rescue and Defence Squad“, која посочи дека учествувале „во исклучително успешна операција заедно со грчката полиција од Касандра, шумската служба на Халкидики и општина Касандра“.
Објаснија дека по наредба на обвинител, „двата папагали Макао кои се користеа за профит на плажата на Пефкохори беа одземени“, паралелно била поднесена тужба за пасивна злоупотреба и била изречена соодветна административна казна во висина од 20.000 евра.
– Да се надеваме дека ќе помогнеме да се намали феноменот на користење на животни за профит, коментираа од невладината група.