Србија ќе тргне од првата минута на победа на денешниот дуел со Словенија (15 часот), ако се земат во предвид тактичките промени што селекторот Стојковиќ ги подготвува за овој натпревар во однос на премиерниот меч со Англија.
Српските медиуми најавуваат дека Пикси е решен да тргне ултра-офанзивно од првата минута, враќајќи го капитенот Душан Тадиќ во стартниот тим. Тадиќ нема да го замени ниту Митровиќ ниту пак Влаховиќ, туку ќе влезе во тимот на местото на Сергеј Милинковиќ – Савиќ, што значи дека „орлите“ со три врвни напаѓачи ќе го стартуваат дуелот со Словенија.
Една замена, и тоа принудна ќе биде онаа на позицијата лев бек каде Костиќ е „во аут“ поради повреда, а неговото место ќе му припадне на Филип Младеновиќ, кој одигра одлично по влегувањето против Англија.
Покрај тоа, Пикси сериозно размислува да го повлече од стартниот тим и Немања Гудељ и на негово место да почне Иван Илиќ, со што играта на Србија би била уште поофанзивна.
Нема дилема дека Србите ќе одат на триумф, но мора и да останат внимателни бидејќи Словенија е селекција што може да биде многу опасна преку контранапади.