Македонија Детектор

Две третини од граѓаните сметаат дека имаме неквалитетно образование



Две третини од граѓаните сметаат дека имаме неквалитетно образование



Над две третини од граѓаните сметаат дека Македонија има неквалитетно образование, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, 69,7% од граѓаните сметаат дека образованието во Македонија е неквалитетно додека само 26,8% сметаат дека е квалитетно. 


Споредбата со анкетите кои Детектор ги спроведуваше во последните 5 години покажува дека годинава перцепцијата е дека имаме најлош квалитет на образованието. Ако во 2019 47,4% сметале дека имаме неквалитетно образование, во 2023 тој процент скокнал на 57,3% за сега да достигне рекордни 69,7%.
Очекувано, 56,6% од анкетираните сметаат дека квалитетот на образованието денеска е на пониско ниво во споредба со квалитетот од пред 5 години. Интересно е што ваква перцепција во поголемо мнозинство од околу две третини креираат оние испитаници кои имаат пониско ниво на образование, иако процентите не варираат многу.
51% од анкетираните сметаат дека Македонија има полошо образование во споредба со земјите од регионот, додека 26% се на ставот дека имаме слично образование. Само 5% сметаат дека образованието во Македонија е подобро во однос на она од земјите во регионот.
Анализата на податоците од претходните анкети покажува дека во 2019 40% од анкетираните сметале дека во регионот има подобро образование за таа бројка денеска да скокне на 51,7%.


Како причина за лошиот образовен процес и пред се за ниските места на светските мерења за квалитетот на образованието граѓаните гледаат повеќе фактори. 28,9% сметаат дека тоа е лошата наставна програма, 22,6% лошиот наставен кадар, 18,3% лошиот квалитет на учебниците а само 7,5% лошите услови во училиштата.
Анализата на одговорите на граѓаните на ова прашање во анкетите низ годините покажува дека пораснал бројот на граѓаните кои за лошиот квалитет на образованието ја обвинуваат наставната програма и неквалитетните учебници, додека се намалил бројот на граѓани кои како причина ги гледаат лошите услови во училиштата.
Очекувано, образованието односно просекот на оценките на основното, средното и високото образование е слаба „тројка“ и тоа на самата граница со „двојка“ . Најлоша оценка има основното образование. Средната оценка на граѓаните за основното образование е 2,45, што е најслаба оценка во анкетите на Детектор во последните 5 години. Ако во 2019 граѓаните основното образование го оцениле со 2,85, лани таа оценка се спуштила на 2,65 а годинава на рекордно ниски 2,45.
Нешто подобро на самата граница меѓу два и три е и средното образование, Точно 2,50 е оценката која му ја дале граѓаните. Во 2019 оценката била 2,73, а лани 2,64.


Единствено со оценка тројка е високото образование кое има коефициент 2,59. И тука тоа е најслаба оценка во последните 5 години имајќи предвид дека во 2019 граѓаните го оцениле со 2,84, а лани со 2,73.
68,9% од граѓаните не ги поддржуваат реформите кои предвидоа спојување на повеќе предмети во еден, додека поддршка даваат 20,9% од анкетираните. Според етничката структура, 73% Македонци и 55,4% етнички Албанци се против оваа реформа.
84,4% од граѓаните се против дигитализација на учебниците односно сметаат дека учениците треба да учат од печатени учебници додека само 8,2% се определиле за електронски.


Интересно е што Македонците 90% се за печатени учебници додека кај етничките Албанци има група од 21,9% од граѓаните кои се за електронски учебници.
Граѓаните се поделени околу воведувањето на пролетниот распуст иако мнозинството не даваат поддршка на оваа реформа. 
43,7% се против а 39,1% даваат поддршка. Анализата на возрасната структура на граѓаните не прави некоја разлика. 
Истражувањето за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1116 во периодот од 23 до 26 мај оваа година. 


Најнови вести од Македонија

To top