Владата на Косово одлучи да го продолжи рокот за пописот на населението, семејните економии и домувањето за уште една недела, односно до 24 мај, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението од Владата се наведува дека ова било барање на неколку општини, во кои процесот на попис, кој започна на 5 април и требаше да заврши денеска, 17 мај, не беше завршен во предвидениот рок.
Одлуката е донесена попладнево на електронска седница на владиниот кабинет.
Според барањето на Агенцијата за статистики на Косово (АСК), процесот на попис до 24 мај ќе го спроведува само редовниот персонал на АСК, се вели во владиното соопштение.
Интервјуата и попишувањата ќе ја опфатат целата територија на Косово, во случаи кога ќе се утврди дека некое лице или семејна економија, поради разни причини, не можеле да бидат попишани порано.
На предлог на Министерството за надворешни работи и дијаспора и на АСК, процесот на попис на населението за дијаспората, кој се спроведува преку порталот „еДијаспора (ediaspora.rks-gov.net)“ е продолжен до 31 август годинава.