Македонија „Владата на СДСМ отиде предалеку“

Наумовски: Силјановска Давкова не направи прекршување, користењето на „Северна“ во документите е избрзано и предвреме

Според поранешниот вицепремиер Наумовски, избегнувањето на претседателката Гордана Силјановска Давкова да го каже целосното уставно име на државата во нејзината свечена изјава не претставува никакво прекршување на Преспанскиот договор.

Наумовски: Силјановска Давкова не направи прекршување, користењето на „Северна“ во документите е избрзано и предвреме

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор и поранешен амбасадор во САД, Васко Наумовски денеска во изјава за медиумите истакна дека новата додавка на името на државата треба да се употребува во документите во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје.

По денешната панел-дискусија и промоција на публикацијата „Со надеж за најдобро, подготвени за најлошо: Дали Република Северна Македонија е ранлива на економски притисок од Народна Република Кина?”, Наумовски посочи дека некои аспекти на имплементацијата на Преспанскиот договор се направени предвреме и избрзано штом, како што рече, земјава ги нема отворено преговорите за членство со ЕУ и нема отворено ниту едно поглавје.

– Имено, доколку детално се анализираат одредбите, ќе видиме дека претходната Влада на СДСМ отиде и предалеку со имплементацијата на Преспанскиот договор во внатрешната употреба и документите кои се однесуваат исклучиво за внатрешна употреба, односно некои одредби кои што требаше да бидат имплементирани постепено согласно отворањето на поглавјата за приговорите со Европската унија беа имплементирани избрзано. Доколку ја направиме анализата, ќе видиме дека самиот договор предвидува постепено имплементирање на додавката во документите согласно отворањето на поглавјата, односно новата додавка треба да се употребува во документите во рок од пет години од отворањето на соодветното поглавје. Ние ги немаме отворено преговорите за членство со Европската унија и немаме отворено ниту едно поглавје, што значи дека некои аспекти на имплементацијата се направени предвреме и избрзано, рече Наумовски.

Според поранешниот вицепремиер Наумовски, избегнувањето на претседателката Гордана Силјановска Давкова да го каже целосното уставно име на државата во нејзината свечена изјава не претставува никакво прекршување на Преспанскиот договор.

-Она што професорката Силјановска Давкова го направи, според мене, не претставува никакво прекршување на Преспанскиот договор, туку ние сме доведени во ситуација да го толкуваме Преспанскиот договор од гледна точка на Грција. Она што било претходно направено, таа избрзана и предвремена имплементација, според мене, било погрешно. Можеби е добро да се направи детална анализа што всушност треба да значи внатрешната употреба на Преспанскиот договор и како таа да се употребува понатаму. За очекување беше дека нашите соседи нема да го игнорираат овој потег, меѓутоа сметам дека ние би требало малку подлабоко да гледаме на ова прашање, односно да видиме дали во суштина некои одредби од т.н Преспански договор се прекршени или не, и што всушност значи неговата примена во документите што се однесуваат исклучиво за внатрешна употреба, рече Наумовски, потенцирајќи дека ставот на Силјановска Давкова по ова прашање бил јавно деклариран уште во нејзината предизборна кампања и таа останала доследна на она што го ветувала на граѓаните.

To top