Регион

Промовирана првата група слушатели по македонски јазик во Тирана

Во просториите на Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана, на пригодна свеченост беа доделени сертификати на првата група студенти кои го завршија првиот циклус по македонски јазик, информираат од македонската Амбасада во Република Албанија.

На настанот се обратија лекторот Славица Свидерска, а за значењето на лекторатот говореа амбасадорот Данчо Марковски и деканката на Факултетот Есмералда Кромида.

Пред присутните гости меѓу кои беа и продеканката Дрита Рира и други професори, студентите читаа македонска поезија, по што беа доделени сертификатите.

Според говорниците, отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Универзитетот во Тирана е од особено значење во промовирањето на македонскиот јазик и култура во Албанија. Исто така, оценето е дека ова е особено важно и за припадниците на македонското национално малцинство и нивниот самопрегор во зачувувањето на нивната етничка, јазична и културна посебност.

-Во соработка со македонското друштво „Сонце“ и единствената македонска партија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) ќе ги продолжиме активностите за почеток на курсевите по македонски јазик и на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Фан С. Ноли” во Корча, за што е обезбеден проект/програма, најавил амбасадорот Марковски.

Лекторатот во Тирана е единаесетти Лекторат по македонистика во светот, кој беше реактивиран во средината на месец јануари годинава, по повеќе од една деценија нефунционирање.

To top