Албанскиот премиер Еди Рама в недела ќе одржи митинг во Атина, односно собир со Албанците кои живеат во грчката метропола во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји, а министерот за надворешни работи на Грција, коментираше дека посетата е во несоодветен момент, јави дописничката на МИА од Атина.
За посетата на Атина, која како што самиот премиер на Албанија напиша на платформата Икс, не е поврзана со внатрешните работи на Грција или евроизборите, портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите објасни дека завчера, официјално биле информирани за посетата на Рама, но не и за местото каде што ќе се одржи настанот.
Според медиумите во Грција, најверојатно попладнево бил постигнат договор собирот да биде во затворена спортска сала.
Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчкото радио „Скај“ утрово коментираше дека се работи за приватна посета, а не за посета што доаѓа на покана на грчката Влада, без каква било формалност, а сето она што се однесува на организирањето е во надлежност на албанската страна.
-Грција е земја која длабоко ја има воспоставено својата демократска свест, длабоко воспоставено функционирање на владеењето на правото. Сите сфаќаме дека никогаш не би можело да се постави пречка на кој било странски лидер да дојде да ѝ се обрати на својата дијаспора, на своите сонародници. Што значи дека ние никогаш не би покренале прашање. Она што е навистина точно е несоодветниот момент на оваа посета, со оглед на фактот што од една страна албанските избори нема да се одржат пред 2025 година, а од друга страна веќе сме во предизборен период во пресрет на европските избори, рече Герапетритис.
Посетата на Рама на Атина е во период кога односите меѓу Грција и Албанија се заладени поради случајот со осудениот градоначалник на Химара Фреди Белери, кој иако е во затвор во Албанија е еден од 42-та кандидати за пратеници во Европскиот Парламент од редовите на грчката владејачка партија Нова демократија. (МИА)