Промо

ЕВН и Макпетрол ќе постават 10 брзи полначи за електрични возила низ цела Македонија

ЕВН и Макпетрол ќе постават 10 брзи полначи за електрични возила низ цела Македонија

На бензинската станица на Макпетрол во Визбегово од денес е во употреба брз полнач за електрични возила. Овој уред е прв од десетте нови брзи полначи што во партнерство со ЕВН ќе бидат поставени на фреквентни локации ширум Македонија.

„ЕВН ги направи најраните напори за развојот на електромобилноста во Македонија. Во последните 7 години поставивме околу 40 полначи за електрични возила на јавни површини во 17 градови низ земјата. Нашите напори продолжуваат со силен фокус на брзото полнење, како главен предуслов за олеснета мобилност на електричните возила на подолги дестинации. Соработката со Макпетрол ни е многу важна – споделуваме сродни вредности, а преку нивната широко распространета мрежа на пумпи низ државата успеваме да се приближиме поблиску до корисниците“ – изјави Волфганг Маиер, Претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Во 2022 година, на бензинската станица на Макпетрол близу граничниот премин „Богородица“ беше поставен полнач за електрични возила, исто така, во соработка со ЕВН. На оваа локација веќе е поставена и фотонапонска централа што произведува електрична енергија од обновливи извори.

„Грижата за животната средина е меѓу стратешките цели на Макпетрол и е вклучена во нашиот годишен план преку „Зелената агенда“. Во рамки на овие активности, друштвото на различни начини ќе инвестира во заштита на околината. Поставувањето 10 брзи полначи ќе придонесе во развојот на електромобилноста во земјава и ќе нè приближи до модерните форми на транспорт. Особено е значајно што овој проект го реализираме партнерски, заедно со ЕВН. Ваквите соработки се исклучително значајни, ако не и пресудни, за реализирање на зелената иднина на Македонија“ – вели Андреја Јосифовски, Претседател на Управниот одбор на Макпетрол.

Полначите се со DC конектори од типот CCS со моќност од 150kW и се наменети за брзо полнење на едно или две електрични возила. Моделот е меѓу најефикасните во својата класа, овозможува брзо и лесно полнење со времетраење од 30-40 минути во зависност од типот на возилото.

ЕВН и Макпетрол својата грижа за животнта околина ја демонстрираат во конкретни инвестиции во доменот на „зелената“ енергија. И двете компании, покрај проектите за електромобилност, поставуваат и фотоволтаични централи за потребите на сопствените објекти. ЕВН ја надградува флотата со електрични возила и инвестира во производство на обновлива енергија, а Макпетрол ќе продолжи да ја проширува мрежата за автоплин и метан (КПГ) преку вложување во малопродажни објекти.

To top