Свет

Фон дер Лајен: Европа ќе остане глобално срце на индустријата и иновациите

Фон дер Лајен: Европа ќе остане глобално срце на индустријата и иновациите

Од последните европски избори во 2019 година, ЕУ се соочи со две кризи од историски размери – Ковид-кризата и војната во Украина, проследена со енергетска криза „произведена во Русија“, кои можеа да се претворат во драматична економска и социјална криза, но тоа не се случи поради големата отпорност на Европа, но и поради тоа што ги поставивме вистинските политики, изјави денеска претседателката на Европската комисија во обраќањето пред Европарламентот, Урсула фон дер Лајен.

– Последните пет години не научија нешто. Одново и одново ги изненадивме скептиците и им пркосевме на „пророците“. Затоа што за силна Европа, ако има волја, има и начин и нашиот континент ќе продолжи да биде глобалното срце на индустријата и иновациите, истакна Фон дер Лајен во дебатата за заклучоците од минатонеделниот Специјален самит на Унијата посветен на економските перспективи на ЕУ.

Таа нагласи дека иако на почетокот на оваа деценија се предвидуваше масовна невработеност и долга рецесија, денес стапката на невработеноста е на историски најниско ниво од под шест отсто, вработеноста е над 75 проценти, а инфлацијата се приближува до целта од две отсто.

Сепак, според неа, овие кризи го земаа данокот на конкурентноста на Европа, бидејќи до пред нивната појава бизнис модел на многу европски индустрии се засноваше на евтина енергија од Русија и зголемена трговија со Кина, а продуктивноста на трудот се зголемуваше за само 0,8 отсто годишно.

– Ова може да се реши само со заеднички напори и на европско и на национално ниво. Затоа, враќањето на нашата конкурентска мора да биде во сржта на економската агенда на Европа во иднина. И јас сум апсолутно убедена дека можеме да поттикнеме нов наплив на европска конкурентност, додаде Фон дер Лајен.

Според неа, тоа ќе се постигне, прво, со поттикнување на приватниот капитал кон инвестиции , за што од суштинско значење е создавање на единствен европски на пазар на капитал, што ќе овозможи предвидливост, заштеди за инвеститорите и зајакнат надзорот на европско ниво на најважните играчи на пазарот.

– Вториот приоритет е намалување на трошоците за енергија. Трошоците за енергија продолжуваат да влијаат на нашата конкурентност. Минатата година за време на енергетската криза беа направени многу инвестиции и наскоро можеби од глобален недостиг да добиеме вишок на ЛНГ. Како резултат на тоа, очекуваме да паднат цените на бензините. Ова ни дава простор за понатамошен развој на обновливите извори на енергија, рече Фон дер Лајен.

Потсетувајќи дека лани првпат во ЕУ е произведена повеќе струја од ветер отколку од гас, претседателката на ЕК апелираше за продолжување на реформите на пазарот на електрична енергија со цел да се добива поевтина и чиста енергија во Европа.

Според неа, третиот приоритет мора да биде насочен на намалување на недостигот на работна сила и стручно оспособени работници и за таа цел да се обучуваат младите преку образованието, да се овозможи професионална преориентација на повозрасните работници и да се привлекува легална миграција на работна сила од странство.

To top