Кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова вечерва имаше обраќање пред граѓаните на Делчево, каде во рамки на централниот митинг во својот говор рече дека е чест да се биде во Делчево, градот на Гоце, кој за актуелниот претседател е Бугарин.
Упати поздрав до сите граѓани на Делчево без разлика на партиската припадност, велејки дека гласот и на неопределените граѓани или граѓани кои не се занимаваат со политика, во овој момент е важен за да можат да го кажат својот збор.
Малубројните, додаде, исто така се дел од Македонија и мора да уживаат посебна заштита.
-Инаку тоа мултикултурно, мултиетничко, мултиконфесионално е под прашалник особено ако тука е погубната формула за бинационална држава бидејќи сите знаат дека каде што имате „би” имате победници и губитници и резултатот не е добар, додаде кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Она што, според неа го прави специфичен овој натпревар со седумте кандидати за претседател, од една страна е баукот на примитивизмот и неодговорноста, несвесноста и непочитувањето на националните и државните интереси. Од друга страна, како што кажа, е нарцизмот меѓу дел од кандидатите, што, според неа предизвикува поделби и раздор.
Порача да се внимава на сопствеништвото лично или колективно на Македонија, на државата, на институциите.
-Институциите треба да бидат насочени кон искористување на јавно добро, а не институциите да ги користите во политички цели, да снимате спотови во институциите, славите роденден. Институциите не смеете да ги фамилијализирате. Затоа ние треба да ставиме крај на ужасната феудализација во Македонија од луѓе со ограничен ум, од луѓе кои преку ноќ се збогатија. Да ги испратиме надвор од политиката бидејќи со тоа не навредуваат и не повредуваат. Затоа мислам дека ова е пресуден последен момент од кој извира нашиот легитимитет, ама вие сте тие кои морате да ги делегитимирате, бидејќи не водеа сметка за граѓанските потреби интереси и не ги задоволуваа, туку само мислеа на себе, додаде Силјановска Давкова.