Западот е на чекор од испраќање војници во Украина и денеска во Брисел владее провоено мнозинство, најави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Во Европа расположението е воинствено, а во политиката доминира логиката на војната. Гледам подготовки за војна од сите и од сите страни. Генералниот секретар на НАТО сака да формира украинска мисија на НАТО. Европските лидери веќе влегоа во војна, разговарам со нив, ги слушам, тие ја гледаат оваа војна како нивна и така ја водат“, истакна Орбан.
Унгарскиот лидер укажа на постепено зголемување на помошта на Европа за Украина, почнувајќи од испраќање воена опрема и воведување санкции кон Русија до испраќање оружје и пари, објави ХирТВ.
„Пари, пари, оружје, но ситуацијата не се подобрува, всушност се влошува. На чекор сме од тоа Западот да испрати војници во Украина. Ова е вртлог на војна што може да ја одвлече Европа во длабочините. Брисел си игра со оган“, предупреди Орбан и нагласи дека Будимпешта нема да биде вовлечена во руско-украинскиот конфликт.
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто изјави дека стратегијата на европските лидери е штетна за Европејците и посочи дека и покрај тоа што лидерите на ЕУ „се чувствуваат како да се во војна“, Европа не е, бидејќи „никој не ја нападна“.